Ученици од средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо” се пожалија во Радио МОФ дека деновиве се оставени без греење и се приморани да ја следат наставата во несоодветни услови.
Во училиштето „Нико Нестор“ вчера учениците предупредиле дека нема да доаѓаат на настава доколку не се пушти парното, и побарале да имаат скратени часови. Сепак, денеска повторно во прва и во втора смена немало греење, вели една ученичка од ова училиште за Радио МОФ.
Директорот на училиштето Никола Затуроски пак, негира дека нивното училиште работи без греење.
– Имаме греење од почетокот на грејната сезона и нема никаков проблем, вели Зафировски во изјава за Радио МОФ.
И директорот на гимназијата „Ибрахим Темо” вели дека во ова училиште греењето функционира, и иако се греат на дрва „не е толку лошо колку што сака некој да го претстави“.
– Немаме парно, работиме на стари печки, но греење има. Поднесено е барање за инсталирање на парно до општината, и ветено ни е дека ќе биде одобрено, изјави директорот Џемиљ Зулбеари.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села смета дека не е надлежен за проблемите со греењето во училиштата во градот.
– Училиштата имаат свој буџет и директори и треба да се јавите кај нив. Јас немам таква информација, кратко ни одговори Села.
Освен некои средношколци и студентите деновиве се мрзнеа без греење. Откако речиси две недели немаа парно и беа принудени да се облекуваат потопло, во дел од студентските домови вчера беше пуштено парно.