Училиштата во Финска – место за работа и радост

Тарја Митровиќ е Србинка, просветен работник, а со години живее и работи во Финска. На својот блог „Моја Финска“ ги бележи своите впечатоци од животот во оваа скандинавска земја. Во овој текст, Митровиќ се осврнува на финскиот школски систем и неговите карактеристики, кои по многу нешта се разликуваат од образовните системи на Балканот:

Можеби не сте знаеле, но училиштата во Финска се доживуваат како втор дом, наставниците се ословуваат по име, задачите се извршуваат во позитивна и отворена атмосфера, многу се зборува, дискутира, вратите на сите училници се секогаш отворени, учениците се облечени лежерно, како по дома, трчаат боси, по чорапи, а има и такви кои си носат домашни влечки.

Децата се распоредуваат по училиштата според местото на живеење, за да се избегнат социо-економските разлики. Финците имаат можност за доживотно перманентно усовршување на кое и да било ниво, секогаш бесплатно, па дури и во приватните училишта кои исто така се бесплатни и работат по истиот план и програма како и државните. Дидактичките материјали се одлични, но бидејќи е овозможена и употреба на компјутери, многу книги се пишуваат во електронска форма.

Училиштата во Финска - место за работа и радост

Кога во 7:30 часот наутро ќе се отворат вратите на училиштата во Финска, децата весело трчаат во училишните ходници, ги соблекуваат обувките и јакните, ги носат во своите плакари, мијат раце, се довикуваат меѓу себе. Ги довикуваат по име дури и своите наставници, насмевката не се симнува од нивните лица, се слуша музика дури не почне часот и тоа е одличен начин за позитивен ефект на работната атмосфера која им претстои. Секое дете го наоѓа своето одделение, кое по финските школи има свое име – најчесто тоа се поими врзани за природата, имиња на растенија, животни, итн. Децата со пречки во развојот пристигнуваат со такси, кое го плаќа државата и наставата може да почне.

Училниците се големи и светли, со многу помошни средства кои придонесуваат за подобра настава. Мебелот е изработен од трајни материјали, ѕидовите се обоени во весели пастелни бои. Во училиштата, покрај задолжителните простории, има и вежбалница, библиотека, соба за забава, соба со музички инструменти, соба за секцијата по народни ракотворби, за научно истражување, фотелји во кои учениците можат да одмараат додека читаат, маса за шах и слично. Важна работа е и тоа дека училиштата имаат разни видови животни кои ги хранат учениците, како и многубројни билки кои исто така ги негуваат учениците, а со тоа учат за одговорноста и развиваат љубов спрема природата. Ја прошируваат и еколошката свест со собирање на материјали за рециклирање. На децата им е дозволено да помагаат во кујната ако тоа го сакаат, а со тоа се брише претераната хиреархија. Кога е време за одмор, на децата им е дозволено да излезат надвор без оглед на времето, дали врне дожд или снег.

Училиштата во Финска - место за работа и радост

Атмосферата во одделенијата е опуштена, па доколку на ученикот му здосади да седи, може да ги протегне нозете шетајќи по училницата, но важно е дискусијата за она кое се учи да не престане. Сите учествуваат во работата, без исклучоци. Не е важно сите да седат мирно и исправено. По работата, следува богат топол оброк – на менито често се ќофтиња, пире, салата, леб. Фасцинантен обичај е тоа што сите јадат на масата на која секогаш има чист чаршаф, голема салфетка и задолжително вазна со цвеќе во секој период од годината. Оброците се прилагодуваат според потребите на децата, но тоа треба претходно да се најави за да се подготви вегетаријанска храна, органска храна, храна за одредени болести и слично.

Самата храна е нутритивно избалансирана, а оброкот содржи третина од калориите за децата на конкретната возраст. Децата јадат заедно со своите наставници. Статистиките покажуваат дека децата во училиштата најмногу сакаат да јадат мариниран лосос, десерт од боровинки, лазањи, вегетаријански палачинки…. Кога времето за ручек е завршено, учениците го носат приборот на своето место, а со тоа си формираат навика, за да продолжат тоа да го прават и дома. Финска служи бесплатни оброци во училиштата уште од 1946 година.

Училиштата во Финска - место за работа и радост

Часовите обично завршуваат во периодот од 12:00 – 14:00 часот, зависно од возраста. За помалите деца чии родители работат до 17:00 часот, училиштето дава можност да останат на школо, додека за постарите има направено големи игралишта во близина на училиштата каде се безбедни од сообраќајот и каде што се дружат.

Важно е да се нагласи дена и финските деца не се секогаш ангели, но сепак важен е пристапот со кој се решаваат сите проблеми. Доколку кај детето се забележи незаинтересираност или континуиран пад на успехот, се повикуваат родителите за да се утврди причината. Исто и ако се забележи дека некој е на лош пат кон пороци, се известуваат службите и се реагира навреме. Најважно во Финска е тоа што работната етика секогаш била на највисоко ниво и дека Финците, како во минатото, така и денес, се убедени дека само континуираната работа и учење можат да донесат придобивки, како на личен, така и за развивање на општествен план. Никој не може да избере каков ќе се роди, но секој може да избере каков човек ќе стане – ова е финската максима.

Финскиот образовен модел

Образованието во Финска ги фасцинира сите светски експерти, бидејќи луѓето од оваа земја веќе долги години постигнуваат врвни резултати во PISA тестирањата, а многу често се и први на светско ниво. Во Финска образованието е бесплатно за сите, на сите нивоа на образование, социјално и здравствено осигурување, а децата во текот на основното образование добиваат и бесплатни учебници. Најстрого е забрането училиштата да земаат пари од родителите. Во петто одделение, училиштето дури плаќа и кампување, излети, карти за театар. Основното училиште трае девет години (6+3), а средното три години. Оние ученици кои сакаат, можат да го завршат средното образование за две години, а постои можност и за оние кои имаат проблем со учењето или се зафатени со секојдневни тренинзи, средното образование да го завршат за четири години.

fin-3

Многу држави едноставно сакале да го копираат финскиот систем, но не може да се добие фински систем со пресликување на книгите и програмите. Најважно од се е да имате добри учители и професори. Во Финска најтешко е да запишете медицински и педагошки факултет. Платите на просветните работници се нешто пониски од државниот просек, но своевидна награда за нив е почитта која ја носи оваа професија. Идните наставници во текот на студирањето мораат да имаат пракса и во училишта за возрасни, да работат во мултикултурни средини, да се разбираат во современата технологија, како и да поминат време со деца со посебни потреби.

Добар наставник не е само оној кој одлично си го познава својот предмет, добриот наставник мора да работи и на истражувања, да пишува научи трудови, за да ги поедностави и подобри методите за работа со деца. Децата со посебни потреби учат во исто училиште со другите деца, но во едно одделение може да има само по едно дете со посебни потреби. Тие имаат дополнителен учител-асистент кој им помага при учењето, затоа што е важно сите деца освен образованието, да стекнат и социјална интелигенција.

Училиштата во Финска - место за работа и радост

Наставниците ги доживуваат како пријатели, па им се обраќаат по име, а формалното обраќање се однесува на само на директорот и постарите предавачи. Наставниците сакаат децата да ги прашуваат, да разговараат, да ги изнесуваат и да ги бранат своите ставови. Надарените деца не се форсираат, им даваат до знаење дека се донекаде посебни, но не премногу, за да не ги обесхрабрат другите.

На секои седум недели сите деца пишуваат што било добро, а што сметаат дека не било и како да се подобри наставната програма, што претставува некој вид на самооценување на школскиот систем. Кога станува збор за нивните школи, Финците најмногу се гордеат со тоа што школите се еднакви за сите, децата со ентузијазам стекнуваат нови знаења, не се оптоварени со изработка на домашни задачи, туку тоа време го минуваат на курсеви од областа која ги интересира, затоа што примената на практичните знаења е многу ценета.

Курсевите се одржуваат во матичните училишта, па на пример наставникот по билогија, кој е често и доктор на науки, држи курс по ботаника. Од шесто одделение до крајот на средното образование децата имаат неколку задолжителни предмети, но поголемиот дел ги избираат самите и прават свој распоред, односно сите важни, задолжителни предмети мора да се поминат, но самите одлучуваат дали сакаат на пониско или повисоко ниво, во зависност дали ги интересира тој предмет или не. Еден од задолжителните предмети е „Финска“, каде учат за вредностите, луѓето, економијата на Финска, асоцијациите, пратиите и слично. Имаат разни проекти како на пример часови по рок и поп музика и друго.

Училиштата во Финска - место за работа и радост

Државна матура се полага на крајот од средното образование, а се полагаат четири предмети: фински, математика, англиски и шведски (кој е задолжителен јазик бидејќи е втор службен јазик во Финска). Еден од предметите мора да биде на напредно ниво. Се работи на тоа сите да имаат свои лаптопи и таблети. Државата навистина многу вложува во образованието, но тоа и се враќа на најубав начин. Финска е една од најразвиените земји во светот и нема емиграција на надарените паметни луѓе. Сите стручњаци се тука и и помагаат на земјата која на најдобар начин вложувала во нив.

Секако, ниту Финска не е поштедена од некои ситни проблеми. Еден од проблемите е недоволното активно учење на странските јазици, бидејќи Финците одлично зборуваат англиски, сите мораат да знаат и шведски покрај фински, па за сите останати воншколски јазици се тотално незаинтересирани. Како во сите земји, и во оваа постојат проблематични и хиперактивни деца, па за таквите се прават посебни оддели, за да не им пречат на оние кои сакаат да учат, а со нив работат посебно едуцирани стручњаци кои се во состојба да излезат на крај со нив.

Во склоп со државната политика на Финска, школувањето на финските универзитети е бесплатно за домашните студенти и за државјаните на Европската унија. Сепак, истражувањата се многу скапи, па во тоа помагаат голем број на компании, како што е Нокиа, кои издвојуваат по 15 000 евра за таа цел. Финска во образованието на еден граѓанин годишно вложува околу 1500 евра.

Наставниот кадар е она суштинското, од нив државата бара најголемо образование, но затоа им нуди широка автономија. Претходниот модел на образование бил повеќе централизиран, па надлежностите припаѓале на локалната заедница, за на крајот наставникот да одлучува за се, дури и кога станува збор за финансиите. Реформата во образованието во Финска почнала во седумдесетите години, по долго проучување а промените оделе чекор по чекор. Не сакале радикални скокови и резови, за да се избегне стресот. Така и се работи кога се води сметка за секој детаљ, посебно кога е во прашање образованието, суштината на секое општество.

Извор: Моја Финска (блог)