Од вечерашната средба во Ректоратот на УКИМ, на која ректорот Велимир Стојковски, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, вицепремиерот Зоран Ставревски, претставниците на Студентскиот пленум Стефан Бидиков и Ивана Туфекџиева, како и професорката Гордана Силјановска од Професорскиот пленум разговараа за проблемите со законските измени во високото образование, не произлезе најава за конкретни решенија и поместувања.
На новинарите, и покрај тоа што средбата не е завршена, ректорот Стојковски им поделил само штуро соопштение во кое пишува дека бил донесен заклучок да се формира работна група со претставници од сите засегнати страни, вклучително и од пленумите, која „во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот на изработка на законски текст за високото образование“.
Истовремено, било договорено во наредните денови повторно да се одржи средба во истиот состав. На вечерашната средба имало излагања од сите засегнати, а се слушнале и залагања за отворен дијалог за заеднички прифатливи решенија за проблемите во високото образование.
На средбата учествуваат и заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, претседателот на Студентскиот парламент Кирил Спироски, како и претставници од универзитетскиот Сенат.