Усмртени животни низ Скопје, активисти и општински служби бараат да запре расфрлањето отрови

Повеќе активисти и општински служби бараат веднаш да запре труењето на животните, откако низ социјалните мрежи се шират фотографии со усмртени кучиња и мачиња. Предупредуваат дека низ главниот град се расфрлаат отрови, за кои велат се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за граѓаните, особено за најмладите генерации.

Од Карпош ваквиот чин го окарактеризираа како нечовечки. Тврдат дека се во постојана координација со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки.

„Веќе утрово стапивме во комуникација со Полициската станица Карпош со кои се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите“, велат од Карпош.

Исто така, службите за хигиена и комуналните редари на Капош добиле дополнителна обврска за засилена контрола и отстранување на отровите кои се расфрлани во парковите, зелените површини и околу зградите.

„Труењето на кучињата ќе биде строго санкционирано согласно важечката законска регулатива. Дополнително, бараме од Агенција за храна и ветерина обдукција за да се утврди за каков отров станува збор“, соопштуваат од Карпош.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ потенцираше дека расфрлањето отров не е решение за справување на проблемот со кучињата во Скопје. Најави засилени патроли и контроли, истовремено апелирајќи и сопствениците на миленици да ги шетаат врзани и со заштитна  маска.

„Ќе иницирам средба со градоначалникот на Град Скопје и градоначалниците во општините во Скопје за да се преземат најитни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници, кои се реална опасност за граѓаните“, вели Богдановиќ.

Отвори можност ако граѓаните забележат расфрлан отров во централното подрачје, веднаш да се јават на телефонските броеви 070/424-685 или 075/437-068.

И градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин упати апел до граѓаните да не преземаат мерки против заскитани кучиња на своја рака. Според него, отровите на јавните површини се опасни за сите, а насилството има секогаш лоши последици.

„Екипите на Град Скопје, односно ЈП Комунална хигиена ја следат ситуацијата на терен и се секогаш подготвени за интервенција“, соопшти Марин.

Од здружението „Анима Мунди“ веќе потенцираа дека по инцидентот кога куче нападна  граѓани во Ново Лисиче, во медиумите се пласирале непроверени информации за повторни напади на улица „Перо Наков“. Тоа, според активистите, придонесе во создавање паника, страв и дезинформирање на севкупната јавност.

„Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава, издвоените случки како овој не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде човеков најверен пријател. Животните не се криви што завршиле на улица и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот бр.1 за нивното постоење – неодговорното чување, неконтролираното размножување, фрлањето на милениците на улица“, рекоа од „Анима Мунди“.

Анима Мунди: Со ширење на дезинфомации и паника, човечки жртви од отров се само прашање на време

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека екипи на стационарот „Вардариште“ за викендов го заловиле кучето од Ново Лисиче и го ставиле во карантин.

Извршен е клинички преглед и кучето ќе остане под официјалн надзор во наредниве 15 дена, додека се следи неговото однесување и евентуално појавување знаци на беснило.

„Се работи за младо куче од расата Ротфајлер кое не е микрочипирано и врз основа на што не е можно да се утврди неговиот сопственик. Со цел подигнување на свеста на населението за важноста на микрочипирањетона домашните миленици како законска обврска, АХВ уште кон крајот на ноември достави барање до Владата на Република Македонија за набавка на 100 илјади микрочипови за домашни миленици. Од иднатата година, бесплатно, преку ветеринарните друштва, овие микрочипови ќе бидат аплицирани на домашните миленици“, велат од АХВ.

Ги потсетуваат граѓаните на законската обрврска да бидат одговорни сопственици, да се грижат за здравјето на миленикот, да го микрочипираат и вакцинираат против беснило и други болести, а на јавни површини да го шетаат на поводник.

Инаку и во април годинава несовесни граѓани, на своја рака, решија со отров метомил да усмртуваат десетици кучиња низ земјава. Сликите со убиените животни беа црна дамка и показател за омразата што се генерираше по смртта на малиот Џеваир од село Џепчиште, кој беше нападнат од кучиња. Хистеричните повици за линч на кучиња набрзо се претворија во апели за помош. Мајки во страв за своите деца повикуваат да престане фрлањето отрови. Активисти бараа да престане анимозитетот кон бездоните животни, и притоа да се спроведат системски решенија, а не крвави пресметки со кучиња.

Новинарка и активистка Мери Јордановска веќе истражуваше за отровот „метомил“. Таа за Радио МОФ во склоп на емисија „Мегафон“ објасни дека се работи за отров од прва категорија. Го има во повеќе инсектициди кои во земјава се забранети за продажба. Исклучително е опасен и по здравјето на луѓето. Доволен е само еден грам од оваа супстанца за да усмрти човек од 70 килограми.

„Значи дека во земјава во промет е исклучително опасна супстанца, која не само што убива миленици и се злоупотребува, туку во прашање ја доведува и храната што ја јадеме. Инспекторатот за земјоделство најави засилени контроли, па очекуваме дека ќе се најде кој го става во промет овој отров и кои се крајните корисници за да одговараат пред законите“, рече во април Јордановска.

Б.Ш.