Вкусна веганска храна, бројни предавања, музички настапи ќе бидат дел од шестиот Вегефест кој ќе се одржи на 19 ноември (недела) во Младинскиот Културен Центар, во 11:00 часот.
Вегефест и овојпат промовира хуманост, сочувство, совесност и правичност кон секое живо битие, се бори против експлоатација и дискриминација на животните, како и за здрави, еколошки прифатливи и морално исправни принципи и начин на живеење.
Годинава Вегефест најавува циклус предавања за користа од веганството од повеќе аспекти, богат спортски и забавен дел како и неизбежните штандови со достапна веганска храна и продукти. Шестиот Вегефест вклучува и музички настапи слеани со перформанс на акробатите од жонглерското студио Фаз Бабл, како и богато Детско катче со танци, магионичари и едукативни работилници за деца.
„Револуцијата за правата на животните започнува од принципите и животните навики на секој поединец – тоа е основната порака која целиме да ја пренесеме, во соработка со наши бројни пријатели, партнери, учесници на фестивалот кои на Вегефест се приклучуваат волонтерски, за што безрезервно им благодариме“, појаснуваат организаторите на Вегефест.
Влезот е бесплатен, а настанот е поддржан од програмата Civica Mobilitas и Младинскиот Културен Центар.
Целата програма е достапна ОВДЕ.