Граѓанските антивладини движења кои се родија во изминативе десет години, па сè до Шарена револуција, беа инспирација за младиот уметник Велимир Жерновски да го направи проектот насловен токму „Шарена револуција“? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“. Тој за овој проект ја доби годинашната награда „Ладислав Баришиќ“, која традиционално ја доделува Здружението на ликовни критичари AICA Македонија. Во интервју за Радио МОФ, Жерновски вели дека е оптимист и се надева дека уметноста ќе биде ослободена од „чизмата на фашизмот и неконтролираното лудило на власта“.
Што претставува проектот и кои се тие предизвици, како што велите во неговиот насловот, со кои се соочуваат граѓанскиот отпор и отпорот на уметниците?
Овој проект претставува еден опширен концепт кој се протега во време просторот сè до првите протести на Првата архи бригада против изградбата на верски објект на плоштадот, па преку протестите и акциите против монструозниот проект „Скопје 2014“, протестите за Мартин и Тамара и раѓањето на #Протестирам. Понатаму, студентските и професорски пленуми, па сè до Шарената револуција. Ова истражување треба да даде некои одговори за тоа како се будеше македонскиот народ во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и како преку најразлични методи и акции успеваше на моменти, а денес и за секогаш, да го деконструира митот околу нескршливоста на тиранинот.
Како уметник, кој често знае да даде своја критика за општествени прашања, како го оценувате она што му се случуваше на Скопје, па и на целата држава, пред Шарена револуција, и сега?
Јас се трудам секогаш да предочувам на проблемите со кои се соочува општеството и секогаш соодветно реагирам на неправдите и злоупотребите, но не секогаш народот ги слуша уметниците. Она што му го направија на Скопје е неопростлив грев за кој некој ќе мора да одговара пред народот и институциите, кои се тука да ги штитат интересите на граѓаните. Станува збор за налудничава идеја која насилно и без никакво предупредување или дебата беше инсталирана во јавниот простор. Ни го земаа градот, најбезобразно и најнасилно, невидено во историјата на човештвото и во поновата историја. Јас се надевам дека идејниот творец, а и сите кои од околу ја поддржаа оваа грозоморна идеја за разобличување и фрлање на срамен плашт врз еден модерен и европски град ќе сносат секој поединечно морална, правна и парична одговорност. Секој кој на било кој начин учествуваше во ова злодело, колку и на моменти тоа учество би изгледало незначајно. Сите без исклучок!
Во последно време, реткост е уметник кој критикува да добие одреден грант, или каква било финансиска помош од Министерството за култура, а сè почести се делата кои величат национализам и патриотизам. Според вас, кон што води ова?
Во последните десет години сликата е таа, да, се сложувам. Тоа доведе до ситуацијава во која се наоѓаме денес несомнено. Но, јас сум оптимист, јас верувам дека се наоѓаме на место од кое нема враќање и дека, или денес ќе ја доведеме оваа држава во ред и од неа конечно ќе изградиме современа, демократска и европска земја, или засекогаш ќе останеме изгубени во лажните патриотизми, заробени под чизмата на фашизмот и неконтролираното лудило на неколку во врвот. Ова другово воопшто не ми се допаѓа, така што ќе мора да се избориме за првото.
Прерасна ли уметноста во силна алатка за пропаганда и како таа може да протне нечија идеја во јавната свест?
Уметноста од секогаш била и ќе биде најсилната алатка за пропаганда, но ние мора да знаеме да разграничиме што е уметност и да препознаеме во чии раце и каква „уметност“ е падната.
Уметниците важат за критичари во општеството, но кај голем дел од вашите колеги досега се забележуваше апатичност или синдромот на „не се замарам со политика“. Кој е вашиот став за ваквите размислувања?
Тие „колеги“ ги сметам за сооучесници во злоделата кои ни се случија рамо до рамо со најодговорните.
Ние конечно живееме во време кога македонскиот народ се сплоти и разбуди. Ова е чин од епски размери. Прв после 1903 и можеме сите да бидеме нескромно горди на тој факт. Народот конечно одлучува за промените кои ги посакува. Идејата на моето истражување е токму тоа, како од еден поспан и уплашен народ, држен во замките на корумпираните политичари со децении успеаја да го разбодат неколку млади исто така уплашени на почетокот студенти и активисти. Ова е историски релевантно и потребно за македонското општество затоа што од денес па натаму ние ќе ја имаме референцата на отпорот на која ќе се повикаме секогаш кога ќе намирисаме неправда и корупција кај центрите на моќ.
Откако ја добивте наградата, што можеме да очекуваме во иднина? Дали ќе го реализирате проектот за Шарената револуција, или ќе се фокусирате на нешто ново?
Се надевам дека заедно со сите колеги и учесници во овој процес ќе успееме да реализираме еден опширен, релевантен и објективен поглед на она што денес го поимаме како граѓански отпор и уметников активизам во Македонија.