„Дебора Брњарчевиќ го смете татамито со машките, па мораа да ја враќаат кај девојките, а другото е филмска приказна!“, велеше наслов на вест од лани кога седмооделенката од Скопје победи на Меѓународниот турнир за таеквондо „Софија куп“ во Бугарија. Една година подоцна, Дебора престана да ги брои наградите, а со својата спаринг партнерка Ива Урдаревиќ, продолжуваат да редат успеси и да го продлабочуваат своето пријателство.
„Покажавме дека Македонија не е веќе онаа што сите можат да ја победат, туку дека Македонија станува сериозен противник во светски рамки“, вели нивниот тренер Марио Ацевски, кој и самиот е поранешен натпреварувач.
Иако нивниот клуб е релативно нов, неговите членови, претежно девојки, полека ја освојуваат спортската сцена.