Во мирна атмосфера, но без паравани, туку со клупа и пенкало на крајот од просторијата на Студентскиот сојуз, се одвива гласањето и на Медицинскиот факултет, од каде велат дека досега не се соочиле со никакви неправилности и дека изборниот процес тече во најдобар ред.
„Гласачкото место на Медицинскиот факултет е отворено на време и засега нема никакви проблеми. Студентите доаѓаат, ја знаат процедурата, се легитимираат со индекс, им ставаме печат на гласачкото ливче и во индексот и гласаат нормално. Излезеноста е поприлично голема, не можам да ви кажам колку точно излегле, но има доста излезеност“, изјави за Радио МОФ, Стојанчо Јовановски, студент во петта година на Медицинскиот факултет, и еден од членовите на Комисијата.
За начинот на броење, тој вели дека дополнително треба да добијат информација од претседателот на Изборната комисија на СПУКМ, но нагласи дека гласачкото место се затвора во 16 часот.
Светлана Бошковка е една од студентите на Медицинскиот факултет, кои денеска гласаа на изборите. Таа за Радио МОФ вели дека го искористила своето право на глас и ги повика своите колеги да го направат истото.
На 23 факултети од скопскиот универзитет се поставени изборни кутии, во кои студентите треба да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.
Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.
Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.