[Видео] Студентски пленум: Изборите се ништовни, украдени се гласачки кутии

Украдени се неколку гласачки кутии и поради тоа изборите се ништовни, сметаат од Студентски пленум. Тие повеќе од два часа стојат пред седиштето на Студентскиот парламент, од каде побараа изборите да не се земат предвид, а воедно побараа УКИМ и ректорот да заземат став во однос на ова прашање и да ги поништат.

„Ги повикуваме сите студенти и граѓани, доколку сметаат дека треба да дадат поддршка да дојдат тука, бидејќи ние остануваме се додека не бидат поништени изборите. Половина од кутиите не се ни стигнати, а би требало според новиот правилник да стигнат до канцелариите на СПУКМ, што значи дека веќе се одолговлекува процесот“, рече Деа Здравковска од Студентски пленум.

Според неа, срамота е кој било од кандидатите да ја прифати победата, кога излезеноста е помала од половина од вкупниот број на студенти, кој изнесува 45 000.

Денешните избори за нов претседател на СПУКМ се одвиваа претежно мирно, со повремени расправии помеѓу претставници на Студентскиот пленум и Парламентот. Тензијата настана кога гласачките места мораа да се затворат, па на Правниот факултет се појави група на луѓе, за кои Пленумот смета дека не се студенти, и насилно ги одзедоа кутиите, носејќи ги во канцелариите на СПУКМ.

Во видеото, кое стигна до редакцијата на Радио МОФ, е прикажано и како членови на СПУКМ со трчање носат дел од кутиите во Здравствениот дом, кој е во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Студентскиот пленум повика и полиција поради насилство и рушење на јавен ред и мир, која по неколку минути разговор со претставници на СПУКМ, без присуство на медиуми, излезе и кусо одговори дека нема надлежност, информираат репортерите на Радио МОФ.

Пленумци забележаа бројни недоследности на денешните избори, од недостиг на параван за анонимно гласање, печат на кој пишува 2015 и немање сериски броеви на изборните ливчиња. Гласањето се одвиваше на сите 24 факултети, со почеток во 9 часот, а заврши во 16 часот.

Студентите можеа да изберат помеѓу Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Репортерите на Радио МОФ активно ги следат студентските избори, а најинтересните моменти може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.

Хронологија:
[ВИДЕО] „ОТВОРЕТЕ ЈА ВРАТАТА, УКРАДОВТЕ КУТИИ“ – НЕМИРИ ПРЕД СЕДИШТЕТО НА СПУКМ

[ВИДЕО] ВО ТЕНЗИЧНА АТМОСФЕРА ПОМИНА ЗАТВОРАЊЕТО НА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА НА УКИМ

[ВИДЕО] КИРИЛ СПИРОВСКИ: ДИК НЕ НИ ДОСТАВИ ДОВОЛНО ПАРАВАНИ

[ВИДЕО] МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ: ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС ТЕЧЕ ВО НАЈДОБАР РЕД

[ВИДЕО] ЖЕСТОКИ РАСПРАВИИ НА УКИМ, СТУДЕНТСКИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПОВИКА НА ГЛАСАЊЕ

[ВИДЕО] СТУДЕНТСКИ ИЗБОРИ НА УКИМ: СЛАБА ИЗЛЕЗЕНОСТ И БЕЗ ПАРАВАНИ НА ГЛАСАЧКИ МЕСТА

[ФОТО] ПЛАТНО И ФЛАЕРИ НА КАМПУСОТ НА УКИМ ЗА ОЦРНУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ