Социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Јутјуб во моментов се блокирани во Турција. Претседателот Реџеп Таип Ердоган преку Скајп ги повика луѓето да излезат на улица и да се спротивстават на воениот удар. Тој нагласи дека овој „нелегален чин“ ќе биде казнет. Новинската агенција Скај њуз обезбеди видеострим од случувањата во Анкара и Истанбул.
Воениот удар започна во 21 часот, по локално време, откако авиони и хеликоптери прелетуваа над главниот турски град Анкара и беа блокирани двата најголеми мостови во Истанбул.
Воената група упадна и во државната телевизија, каде ја натераа спикерката на вестите да го прочита нивното соопштение во кое се вели дека државниот удар е успешен и дека армијата ја презеде државата. Според локалните медиуми, шефот на турските вооружени сили генералот Хулуси Акар е под заложништво во Генералштабот.