Владата вчера го усвоила предлог-законот за државен испит, во пакет со уште четири други развојни решенија, односно нови закони или измена на постојните, соопшти министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција.
„Како Влада цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури“, рече Адеми.
Министерот Спиро Ристовски пак, соопшти дека студиски програми од трет циклус на студии ќе можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите.
„Во случај кога универзитетот, односно високообразовната установи ќе го изгуби статусот на еден од првите пет рангирани високообразовни установи во државата во следното рангирање, нема да може да запише нови кандидати во трет циклус докторски студии, кажа Ристовски.
Покрај овие измени, министерството најавува нов Закон за Академија за наставници. Тој предвидува основање на посебна јавна установа – Академија за наставници, која ќе работи по сличен принцип како Академијата на судии и јавни обвинители. Секој студент произлезен од наставничките студии, заради стекнување на статусот на кандидат за обука во Академијата, ќе мора да полага приемен испит, по што ќе следува обука. Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука трае вкупно осум месеци и тоа три месеци теоретска настава, додека кај учесниците со завршени студии на ненаставна насока на наставнички студии, односно на студии кои немаат наставна насока, програмата за обука трае вкупно 12 месеци и тоа четири месеци теоретска настава и осум месеци практична обука.
Втор закон кој Владата го изгласала е Закон за наставници во основните и средните училишта. Овој закон предвидува детална спецификација на условите за вршење на професијата наставник, на условите за засновање на работниот однос, дефинирање на категориите на наставници и нивните работни задачи, како и нивно континуирано стручно усовршување и кариерен напредок. Министерот дополнително соопшти дека точно е уредено какви услови треба да исполнува еден наставник за да влезе во категориите наставник ментор и наставник советник.
Третиот предлог закон опфаќа редефинирање на Болоњскиот систем и воведување на задолжителен усмен испит, покрај писмениот. Исто така, министерството соопшти дека ќе се воведе приемени испит за студентите странски државјани, поделен на стручен дел и тест за проверка на јазичните вештини.
Новитет е и тоа што ректор, односно декан на високо образовна установа во земјата ќе може да биде и странски државјанин.
За студентите пак, кои ќе решат да станат наставници, на вчерашната седница се разгледа и новиот Закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование. Односно, се предвидува воведување на построги критериуми за упис на педагошките факултети и наставните насоки, така што ќе се врши селекција на најдобрите студенти во оваа област. На овие факултети преку полагање на приемен испит ќе може да се запише студент кој има минимум просечен успех од 4.00 во средното образование.
Исто така, ќе се воведе и целосно нова студиска програма која ќе мора да ја применуваат сите педагошки факултети во состав на државните универзитети. Се зајакнуваат и критериумите околу тоа кој може да предава на овие факултети, односно, покрај критериумите за избор во звање, неопходно е и познавање на англиски јазик Б2 ниво, докажана и плодна научно истражувачка дејност во научното поле за кое се избира во звање со објавени најмалку 4 труда во меѓународни научни списанија, во последните 3 години и 1 труд во списание со импакт фактор, односно 2 труда во последните 5 години. За постојните наставници ќе има дополнителен период од 3 години за да ги исполнат овие услови, со исклучок на редовните професори избрани по втор пат и професори кои имаат 10 години до пензионирање.
Последна новина од министерството за образование и наука е воведувањето испит за лицата кои сакаат да станат директори на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Претходно, лицето ќе мора успешно да помина на обука организирана од Државниот испитен центар.
Според министерот Адеми, сите предлози ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија. Во текот на утрешниот ден предлозите ќе бидат објавени на интернет страница на Министерството за образование и наука.