Новиот владин спот кој треба да послужи за граѓаните да се едуцираат за штетноста од последиците од абортусот предизвика остри реакции на социјалните мрежи откако некој видеото го постави на интернет, пишува НОВА. Сцената во спотот се одвива во болнички ходник каде што на момчето кое чека неговата партнерка да абортира насмеаната сестра му се обраќа со зборовите „Честитам, убивте здраво бебе кое можеше да прерасне во прекрасно момче или девојка“.
Ако се суди по реакциите на социјалните мрежи спотот веќе си го заработи епитетот „контроверзен“ и „навредлив“. НОВА побара коментар од Ирена Цветковиќ, активист за женски права и магистер по родови студии, но и едно од водечките лица во отпорот кој жените го дадоа пред неколку месеци кога владата ги донесе контроверзните измени во законот за прекин на бременоста.
„Последниот пример на пропагандниот глас на оваа влада има само една цел: да ги навреди жените кои го искористиле или планираат да го искористат своето репродуктивно право и нивните партнери нарекувајќи ги- убијци. И тоа е единствената цел која овој спот ја има и ќе ја постигне. Да биде уште пострашно, оваа зла намера е остварена со наши пари. Истовремено владата надвор од нивната мрачна пропаганда ја нуди медицинската интервенција- прекин на бременост- како услуга на јавното здравство. Очекувам Министерот за здравство веднаш да побара исмена на законот за прекин на бременост за преименување на истиот во- закон за убиство“, вели Цветковиќ.
Овој не е единствениот спот од кампањата за промоција на семејните вредности која беше најавена на почетокот на годинава, а за чија што изработка се предвидени 500.000 евра, анализира НОВА.