Станарите од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и понатаму се смрзнуваат во своите соби. Денеска беше пуштено парното во „Стив Наумов“, а млаки радијатори од синоќа добија студентите сместени во „Гоце Делчев“.
Откако речиси две недели студентите мрзнеа без парно и беа принудени да се облекуваат потопло, во дел од студентските домови беше пуштено парно. Како што потврдуваат за Радио МОФ студентите од „Гоце Делчев“, покрај млаките радијатори синоќа ги посетила и домската инспекција за да проверат кој користи греалки на струја, кои иако забранети, останаа единствено средство за греење на ниските температури изминатиот период.
Парното во „Стив Наумов“ беше пуштено дури ова попладне, две недели по почетокот на грејната сезона.
„Како може да ми биде? Моментално на себе носам два џемпери и навечер се покривам со две ќебиња. Да не зборуваме за тоа дека прозорецот не може целосно да се затвори“, изјави вчера студентка од женската зграда од „Стив Наумов“.
Министерството за образование и наука соопшти дека во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ се работи на санација на технички проблеми поврзани со парните котли. Тие очекуваат грејниот систем да биде ставен во функција во текот на утрешниот ден.
Е.П.