Неколку илјади граѓани повторно излегоа по вчерашниот проглас на новоформираната граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“ на протестен марш од Влада до Собрание за, како што велат, одбрана на заедничка и унитарна Македонија. Но, по завршувањето на маршот беа нападнати новинарот и камерманот на „А1 Он“. И двајцата со возило на Брза помош беа пренесени во Ургентен центар.
Според дел од медиумите, напаѓачите избегале меѓу толпата откако ја нападнале новинарската екипа.
„Дел од демонстрантите ја искршија и камерата на А1он по што избегаа од местото. Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија која е организатор на протестот очигледно не успеа да ги заштити медиумските работници, А1он ќе поднесе пријава против организаторот и ќе бара надомест на штета за дивјачкото и примитивно однесување“, стои во написот на „А1 Он“.
Маршот почна пред Владата, по што демонстрантите се упатија пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде свое обраќање имаше актерот Ванчо Петрушевски.
– Јас сум роден овде, тука биле моите прадедовци нашите татковци треба да живеат и нашите синови. Дојде време за одбрана на заедничка унитарна Македонија. Ова се последните мигови кога можеме да ја одбраниме Македонија таква, каква што ни ја оставиле нашите предци. Веќе не се работи за политичка партија за политички кариери за функции“, рече Петрушевски.
Маршот, потоа, продолжи до пред Собранието на Република Македонија. Денеска освен во Скопје, маршеви имаше и во Куманово, Прилеп, Штип и Кичево. Се очекува протестите и утре да продолжат.