Во Скопје започна првата стратешка меѓународна конференција на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан (РИКО), на која присуствуваат повеќе од 100 претставници од невладиниот сектор, државните институции и претставници на меѓународни институции. Тридневната конференција треба да служи како платформа за развој на стратегшкиот план на РИКО за периодот 2018-2020 година.
Конференцијата ќе трае до четврток и на неа се очекува присуство на повеќе од 100 претставници од невладиниот сектор и државните институции од земјите потписнички на Меѓународната спогодба како што се Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакнал дека зајакнувањето на младинската соработка му дава шанса на конструктивниот пристап во справувањето со траумите и со стереотипите наследени од минатото на целиот регион.
„Ние, земјите од Балканот, имаме храбри млади луѓе како вас, кои се онолку сити од историја колку што се желни за иднина. Без да се плашат да комуницираат меѓу себе, да соработуваат без оптеретувањата со национализам и дискриминација. Граѓани кои поскоро сакаат да придонесат за нашите прекрасни земји, отколку да ги напуштат. Кои не сакаат ниедна можност за подобра иднина, да остане неискористена“, изјавил Заев.
Македонскиот премиер потенцирал дека е од суштинска важност соработката на младинските организации од регионот да се прелее во соработка со институциите на системот, додавајќи дека тие не треба да оставаат на политичарите да одлучуваат за иднината на младите, туку да бидат многу активни, гласни, и да пробаат да најдат простор за нивните иницијативи.
„Преземајте иницијативи, бидете будни коректори на владините политики, затоа што од тие ваши вештини ќе зависи колку нашата заедничка иднина ќе биде поубава иднина“, рекол Заев.
Во следните денови, учесниците на конференцијата ќе дискутираат на различни теми – како зошто РИКО е потребен на регионот, што сака да промени и која е визијата на организацијата.