Загадениот воздух се почесто станува инспирација за младите уметниците во Македонија. Неколкумина млади од Тетово, Кавадарци и Скопје на различни начини го искажаа револтот од нездравата околина и неагилноста на властите да го решат проблемот.
Рап групата „Говеда“ од Тетово минатата година ја снимија песната Up In Smog, во која револтирано зборуваат за загадувањето во градот во кој секојдневно се забележува присуство на штетни честички во воздухот и по 4-5 пати над дозволеното. Со години наназад, ситуацијата не е променета.
„Малку по малку, како што поминува времето, воздухот почнавме да го гледаме, доби мирис, и ако не се преземе нешто за тоа да се среди, ќе добие и вкус. Преку ден загадувањето не се чувствува толку, но навечер Тетово се претвора во Silent Hill. По тетовските улици кога ќе се стемни владее мртвило, луѓето одбегнуваат да бидат надвор и да се движат наоколу бидејќи загадувањето е неподносливо“, раскажува Енис Шкријељ од „Говеда“ за секојдневието во најзагадениот град во Македонија.
Последниве 3-4 години, вели Шкријељ, проблемот со воздухот во Тетово станува сé посериозен.
„Моменталната ситуација во Тетово ни дава инспирација да снимиме цел албум во врска со нештата што не чинат овде. Воздухот е еден од поважните проблеми, кој треба да се реши во најбрз можен рок. Ја снимивме песната Up in Smog со цел да го искажеме нашиот револт во врска со загаденоста, и со надеж дека песната ќе допре до некого, дека пораката која ја носи ќе биде пренесена на повеќе луѓе за да се свестат дека и тие треба да преземат нешто за воздухот кој го дишат“, вели Шкријељ.
Ефектите од загадувањето тетовци ги чувствуваат секојдневно, додава раперот. Кога остануваат надвор изложени на воздухот малку подолго, чувствуваат болка во грлото и кашлаат, а гардеробата им мириса како цел ден да седеле во просторија во која се пуши.
„Говеда“ преку песната апелираат до надлежните, но и до граѓаните да се свестат дека ова е проблем со кој се соочуваат сите жители на Тетово.
„Жално е што се чека луѓето да почнат да умираат за да се преземе нешто во врска со проблемов. Ние како група, ќе продолжиме да пишуваме и кажуваме сé што не мачи. Се надеваме дека надлежните кои можат да направат нешто за проблемиве со кои секојдневно се соочуваме, ќе се свестат и ќе средат барем нешто. Се надевам дека како група ќе имаме друг извор на инспирација и ќе пишуваме за поубави нешта“, зборува Шкријељ во име на целата група.
Уметницата Симона Манчева пак, после десет години поминати во Скопје се вратила во родниот град Кавадарци. Минувајќи ги вечерните часови со друштво надвор, постојано зборувале какво е небото над градот, која е причината за тоа и зошто само во Кавадарци има такво црвено небо.
Тој период, кој за неа бил навистина тежок на професионален план, размислувала како да продолжи со уметноста. Тогаш сфатила дека треба да се позанимава малку со тој локален проблем.
„Размислував многу за тоа на кој начин можам да прикажам приказот на загадувањето да биде поверодостоен за публиката. Правев доста скици и акварели, но сите тие ми делуваа како „лажни“, бидејќи кога ги покажував тие скици и цртежи на дел од пријателите сфатив дека тие не го гледаа кавадаречкото небо. Затоа се одлучив за фотографија“, вели Манчева, која претходно не се бавела со фотографирање.
Фотографиите ги правела и собирала речиси цела година.
„Ниту една од фотографиите не е обработена, со цел небото да се прикаже такво какво што е. Со оваа изложба сакав да го искажам мојот револт кон начинот на живеење тука. Пред сé сакав да им прикажам на возрасните и на постарите дека нашето здравје нема цена“, вели Манчева.
За да го прикаже тоа што подирекно, на изложбата употребила и машина за чад. Закачила и разни маски кои би служеле за привремена заштита од тој загаден воздух.
„Во Кавадарци сé повеќе луѓе се заболени од рак. Голем број граѓани имаат белодробни заболувања. Лошо е и што многу деца имаат разни здравствени проблеми“.
Загадувањето служело како мотив и за Вангелија Трембелиева, на која потребата од заштита од штетните ПМ10 честитки во воздухот во Скопје и послужила како бизнис идеја. Таа учествуваше на втората Стартап академија за претприемништво организирала од SWT Алумни, каде инспирирана од отровниот воздух, ја прикажа својата идејата за дизајнирање маски со активен јаглен, кои ќе изгледаат добро и како модни додатоци.
„Како млада личност и студент зборувам во име на сите млади со динамично темпо на живеење, кои поголем дел од денот го поминуваат надвор, користат јавен превоз и се изложени на загадениот воздух во Скопје. Инспирација најдов и од моите блиски кои се соочуваат со здравствени проблеми и алергии предизвикани од токсичните честички и бактерии во скопскиот воздух“, вели Трембелиева.
Маската е составена од надворешно платно кое ја претставува дизајнерската страна на маската, и внатрешно платно со активен јаглен, кое ја претставува заштитната функција на маската. На самото платно се поставува вентил кој го пропушта воздухот, но не и токсичните ПМ10 честички. Маската треба да претставува бариера помеѓу загадениот воздух и белите дробови, односно нашето целокупно здравје, вели Трембелиева.
„Луѓето во загадените градови имаат огромна потреба од ваков производ, а според моите истражувања, нема ништо слично на ваков тип на маска тука во Македонија, па и пошироко на Балканот. Би инвестирала во ваков тип на производ и со задоволство би сакала да се развие производството на вакви маски“, додава. Таа нема започнато со производство на маските, но првиот чекор – развивањето на бизнис план, одамна го има завршено.
За тоа колку луѓето се грижат за здравјето, без разлика дали носењето на маска изгледа добро или не, смета дека свеста меѓу луѓето расте.
„Дефинитивно сметам дека свеста меѓу луѓето во врска со загадениот воздух и здравствените ризици и штетата кои ги предизвикува е сé поголема. Социјалните мрежи, веб порталите и медиумите придонесуваат за зголемување на свеста, но за жал не се доволни активностите и мерките кои се преземаат од страна на надлежните органи“, вели таа.
Скопје и Тетово се најдоа и на светските листи како градови со најзагаден воздух. Состојбата со загадувањето е повеќе од сериозна и во Битола, Кавадарци и Кучево, посебно во зимските месеци. Уметниците се согласни, свеста кај граѓаните расте, но надлежните треба да преземат итни и драстични мерки за справување нечистиот воздух.
Стефанија Тенекеџиева