Од денеска на интернет страницата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и во дел од печатените медиуми е објавен повик до сите заинтересирани субјекти, професори, студенти, наставници, стажанти, волонтери, младински работници, да аплицираат со проекти за искористување на средствата за млади од Европската Унија.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денеска одржа состанок со директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров околу активностите за програмата. Ристовски информираше дека за програмата е одобрен буџет од 3,5 милиони евра за оваа година, кој е двојно поголем од буџетот од минатата година, кои беа наменети за програмите “Доживотно учење“ и “Млади во акција“.
„Постојат вкупно три клучни акции. Првата е „Мобилност на знаење“ односно размена на ученици, студенти и волонтери во областа на образованието, обуката и младите. Втората се однесува на соработката во делот на „иновациите и размената на добри практики“ и третата е во делот на апликација со проекти за реформи на политиките во областа на образованието, обуката спортот и младите“, рече Ристовски.
Со одредени проекти може да се аплицира и директно во Европската Комисија од каде може да се одобрат дополнителни средства, покрај оние кои се наменети за Македонија.
Роковите за аплицирање во секоја област се различни – апликацијата е до средината на месец март за одредени проекти, а за други има предвидено прилично подолг рок, кој е до средината на месец октомври.