Метеж и нервоза кај возачите денеска има низ улиците во Скопје, а се предизвикани од затворањето на обиколницата за потребите за снимање на францускиот филм „A Фонд“. Тоа создаде тесно грло по улиците и по булеварите низ центар на градот, јави Мета.
Метежот е интензивен по булеварот Никола Карев, односно т.н. Пластичарска улица, а колона возила има и по булеварот Илинден.
Освен затворањето на обиколницата во периодот од 7 часот до 19 часот, од 3 до 27 септември, за потребите за снимање на филмот ќе биде редуциран режимот на работа на патарината Петровец на 22 септември, додека секциите на автопатот околу Градско ќе бидат затворени во периодот од 28 септември до 25 октомври при што сообраќајот ќе биде пренасочуван.
Француската продукциска куќа која ќе го снима филмот, според најавите, на државата треба да и плати 17,5 милиони денари (284.552 евра) од кои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско, преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, и 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините доколку обиколницата би била отворена.