„Зелена алтернатива“ на крајот на јуни организира отворена јавна дебата за канабис

Здружението „Зелена алтернатива“ на крај на месец јуни повторно ќе организира јавен настан на кој присутните отворено ќе зборуваат, прашуваат, дискутираат и ќе се информираат за лековитото дејство на канабисот.

По трите одржани семинари со предавања од познати доктори, активисти и истражувачи од целиот свет, овој пат настанот на „Зелена алтернатива“ е замислен како една голема јавна дебата. Настанот е отворен за сите кои секојдневно користат, се лекуваат, препишуваат и произведуваат екстракти од канабис.

Сите заедно да дадат придонес. И храбри пациенти со свои приказни, и докторите да посочат секојдневни проблеми при препишување на лекот. Притоа, заедно да се изнајдат соодветни механизми и решенија за институционални препреки, за достапноста на канабисот, концентрациите, за разните начини на употреба и помошта за луѓето со разни здравствени состојби, канцер, епилепсија, мултиплекс склероза…

Од изминатите семинари на „Зелена алтернатива“

Од изминатите семинари на „Зелена алтернатива“

„Целта е да секој да си ги каже своите искуства, да се споделат важни податоци, да се отстранат сите дилеми околу канабисот, а истовремено и да се зајакне довербата меѓу пациентите и лекарската фела“, велат од „Зелена алтернатива“ за Радио МОФ.

Засега е потврдено дека ќе присуствуваат докторите Лумир Ондреј Хануш од Израел, Пол Хорнби од Канада и Роберт Меламед од Колорадо. Сите ќе бидат вклучени во дискусиите со активистите, пациентите и лекарите.

„Во моментов се бара локација и преведувачи, и кој сака е добредојден да помогне волонтерски или финансиски“, велат од „Зелена алтернатива“.

Б.Ш.