„Пред неколку години се соочував со сериозни здравствени проблеми. Во ниеден момент не помислив да се откажам или да подлегнам на конвенционалните, за мене штетни медицински третмани и истражував. Се водеше кон тоа дека природниот начин на живот, здравата храна , вода и воздух се клучни за човековото здравје и имаше резултати. Тогаш одлучив да го почнам блогот МаМаОргана, на кој преку статии за штетноста на хемикалиите, важноста за здравата храна и слични теми сакав повеќе да допринесе за кревање на еко-свеста”, раскажува Наталија Бургиева. Нејзината идеја неодамна беше наградена на натпреварот „Филантропија преку зелени идеи“.
Бургиева појаснува дека нејзината бизнис идеја опфаќа органско производство на супстрати за растенија, билки и габи. Тие се комбинација на биохумус и останати минерали и микроелементи со кои им се обезбедува на растенијата и габите медиум на кој организмот расте од семка до плод.
„Супстратите имаат за цел да овозможат сами да си ја произведуваме сопствената храна, дури и во домот. Секако дека тие може да се користат и за големи површини, со нив значително се подобрува квалитетот на почвата, а и служат за нејзино деконтаминирање. Супстратите покрај тоа што не ја загадуваат околината, овозможуваат пристап до здрава храна за секој, а на производителите им нудат можност, за поздрав и поквалитетен производ, а со тоа и поголема конкурентност на пазарот“, објасни Бургиева.
Зачетокот на овој проект доаѓа од истоимениот блог, каде преку совети, идеи и „направи сам“ проекти, мајки се обидуваат да промовираат поздрав и поприроден начин на живот.
„На блогот исто така може да се најдат и содржини за пермакултурата и самоодржливоста.
Во моментов блогот се редизајнира , и ќе има можност, мајките, а и сите други зелени ентузијасти да пишуваат постови, разменуваат мислења. Ќе имаме и форум, како и онлине продавница во која ќе бидат изложени нашите производи“, најави Бугиева.
Како едни од трите победници на натпреварот, идејата понатаму ќе ја развива со помош од консултанти од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг.
„Првенствено не обединува љубовта кон природата, сакаме наместо генетски, да создадеме мајчински модификувана околина. Да се грижиме за природата, а за возврат таа како мајка, да се грижи за нас. Сметаме дека со производот што го нудиме на пазарот, ќе бидеме конкуретни и со тоа, ќе си овозможиме вработување согласно нашите потреби“, вели Бургиева.
Бургиева вели дека посакува МаМа Органа да се развие во социјално претприемништво кое ќе се занимава со зелени бизнис идеи.
„Со нашиот сегашен производ сакаме да создадеме услови за органско производство на култури од кои потоа би се произведувале растителни млека и други производи, кои моментално се дефицитарни на пазарот. Со овој чекор се надеваме дека ќе допринесе и за развој на локалната економија, а и за всадување на здрави навики кај консументите. Се надеваме дека со помош на Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг, полесно и поуспешно ќе ја постигнеме целта“, додава таа.
После успехот дома, проектот на МамаОргана ќе се натпреварува на регионално ниво за парична награда од 10.000 долари.
„Желбата секако дека постои, исто и очекувањата. Во идејата има вложено премногу љубов и внимание и доколку би ја освоиле наградата, секако дека ќе ни биде полесно да ја оствариме“, смета Бургиева.
Покрај ова, тие работат ина друг проект кој се вика „Љубов на втора“.
„Љубов на Втора-направи сам, е страна на Фејсбук за рециклирање, ре-употреба и направи сам проекти за мебел и декоративни украси за домот и градината. Идејата на овој проект е да трагаме по предмети кои веќе никому не му се потребни и најверојатно би завршиле во ѓубре. Даваме идеи како на отфрлените предмети со нови техники на рециклирање и ре-употреба, да им се врати сјајот и можноста повторно некој да ги посака- да ги Љуби на втора“, ни објасни Бургиева.
Според неа, од клучна важност за човековото здравје е здравата храна, вода и воздух.
„Со органското производство на храна, храната е ослободена од сите штетни хемиски влијанија и како таква, вистински не храни и лекува. Грижата за здравјето, почнува од храната, ние сме тоа што јадеме. А пермакултурата и принципите кои таа ги негува, покрај тоа што обезбедува услови за органско производство на храна, во исто време и се грижи за околината и не нарушување на природата и природните еко-системи. Се надеваме дека ќе ја кренеме свеста за оваа проблематика кај сите“, вели таа.
Сепак, според неа, во државата се уште нема доволно волја и свест за вакви акции, но се надева дека во иднина тоа ќе се промени..
„Во последно време има се повеќе работилници за компостирање, за алтернативни начини на градење и слични теми со кои се бави пермакултурата и самоодржливоста и надежни сме дека во иднина ќе не има повеќе. Секако дека е очигледен напредокот од пред 4 години, почеста е желбата и потребата на луѓето да се свртат, да се вратат назад кон природата. Нема друг пат“, смета Бургиева.