Недоследности и манипулации во изработката на урбанистичкиот план за Дебар Маало, забележуваат активистите на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, кои денеска јавно ги претставија овие проблеми преку анализа што ја изработија во консултација со стручњаци.
Доколку целата територија се изгради според овој ДУП, цело Дебар Маало ќе се претвори во нерешен паркинг простор, и сите слободни отворени и зелени површини, пешачки и велосипедски патеки, барови и ресторани ќе мора да се пренаменат во паркинг места, предупредуваат активистите, кои и самите се жители на населбата.
„Изработка и носење ваков план е спротивно на граѓанскиот интерес, на општиот интерес и на демократските принципи. Затоа, укажуваме пред градоначалникот, пред изготвувачот на планот „Билд“ и пред стручната комисија, дека бараме планот да се повлече од процедура и да се врати во нацрт фаза“, рече Светлана Карбевска од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.
Таа нагласи дека според ДУП-от се предвидува да се руши пазарчето Буњаковец и на негово место да се градат згради и трговски центар за двапати повисок од стариот план. Карбевска вели дека со ова пазарџиите ќе бидат извисени, а нивната егзистенција ќе биде загрозена заради трговски центри чиј животен стил е недостижен за сите.
Планот предвидува градење и на објекти како кули, хотели, резиденцијални комплекси ,зградите ќе бидат премногу блиску едно до друга. Планот ќе го направи невозможен пристапот на противпожарни и амбулантни возила до зградите. Активистите сметаат дека и претходниот и сегашниот ДУП се целосно вон јавниот интерес и бараат тие да се повлечат.
„Ваквите решенија уште повеќе ја деградираат животната средина, но и исклучително го намалуваат квалитетот на живеење – слаба струја и вода, непристапност за прва помош и пожарна, недостиг на јавни површини, на чист воздух, недостиг на паркинг простор и зголемена загрозеност на пешаците, децата, велосипедистите, недостиг на зелени површини и на игралишта за деца. Од крај во кој се живееше пристојно, Дебар Маало, најстарото урбано градско јадро од десната страна на Вардар, се претвора во супстандардна населба, каде вредноста на имотот веќе паѓа“, вели Карбевска.
Тие го информирале градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и стручните служби за недоследностите од планот, но се разочарани од пасивноста на општината во решавањето на овој проблем. Од иницијативата велат дека недостасува политичка волја, храброст за акција и донесување нови одлуки според граѓанскиот интерес.
„Наши активисти направија попис на дел од зеленилото во крајот, иако тоа е обврска на општината. Министерството за култура не дозволи да се попише зеленилото во нивниот парк. Тој мал парк е затворен за граѓаните, и покрај нашите барања да се овозможи во него да си играат деца“, вели Карбевска.
Активистите од „Во одбрана на Дебар Маало“ повикаа што повеќе соседи и граѓани да се приклучат кон нивните барања за повлекување на планот и го охрабруваат градоначалникот да направи нешто во интерес на квалитетот на живеење во населбата.