Хуманитарен настан под мотото „Живот без пречки, тоалет за секого“ ќе се одржи вечерва во Скопје во ресторанот „Александрија“, а има за цел да го актуелизира и да покрене иницијатива за решавање на секојдневниот проблем со кој се соочуваат хендикепираните лица поради немање оспособени тоалети во угостителските објекти, културните установи, институции.
„Лицата во инвалидска количка не може да се социјализираат и да излегуваат во угостителски објекти, а немаат ни оспособени тоалети по голем број институции, како и концертни сали и места на одржување на концерти и фестивали. Ова за нив преставува голема пречка во секојдневниот живот, иако во сите европски држави по пропис во секој локал и институција постои ваков тоалет“, велат организторите.
Според нив, неопходно е ваквите објекти да имаат рампа за влез, универзална архитектура и поставеност на влезна врата, како и специјално оспособен тоалет. За слепите лица пак, да има менија и на Браево писмо.
Со организирање на овој настан, посочуваат, треба да се подигне свеста за проблемот и да се поттикнат што повеќе институции и угостителски објекти да изградат соодветни тоалети. Средствата, велат оттаму, се минимални, а исходот е максимален.