Зоран Кардула, дипломиран електроинженер, кој веќе петнаесет години работи како графички дизајнер, деновиве објави редизајни на познати југословенски логоа и постери, со што доби голема популарност кај порталите од поранешна Југославија, па и од светот.
Веќе петнаесет години се занимавате со графички дизајн, паралелно повеќе од 25 години и со сликарство, вашите дизајни се појавиле на популарни странски портали како BoredPanda, а сепак сте малку познати за пошироката домашна јавност. Дали тоа се должи на вашата скромност или недоволно се цени вашата професија во Македонија?
Пред се, тоа што го работам, го работам за себе и реално никогаш не сум бил заинтересиран промоција на себе. Мислам дека се цени мојата професија. Агенцијата во која работам, „Публицис“, досега е многупати наградувана, како кај нас така и надвор од нашата земја, што е доказ дека професијата со која се занимавам се цени.
Како дипломиран електроинженер, што беше пресудно да се свртите кон сликарството, а потоа и кон графичкиот дизајн?
Сликарството ми беше хоби и пред да станам електроинженер, така што тоа беше пресудно да се преориентирам во графички дизајнер. Времето кога го завршив Електротехничкиот факултет се поклопи со распадот на Југославија и апсолутно не постоеше можност за вработување по струка.
Победник сте на постер-натпреварување во склоп на Латино- филмскиот фестивал, на кој учествуваа повеќе од 70 решенија – кажете ни нешто повеќе околу тоа.
Случајно дознав преку Фејсбук и со оглед на тоа дека сум љубител на филмската уметност, а имам направено доста редизајни на моите омилени филмови, решив да испратам неколку предлози, не очекувајќи дека еден од нив ќе победи.
Покрај победата на Латино – филмскиот фестивал, минатиот ноември бевте дел од изложбата на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД. Дали тоа значи дека сте поактивен вон границите на нашата земја?
Имав изложба во Америка на тема Soviet Neo-Constructivist Propaganda, која е доста популарна и еден пријател, кој има галерија ме покани да учествувам. Поканата со задоволство ја прифатив, бидејќи оваа тема е една од моите омилени и многу ја ценам руската авангарда од почетокот на минатиот век. Да, поактивен сум надвор, бидејќи никогаш не сум добил покана да учествувам на некоја изложба или настан од слична природа кај нас.
Графичкиот дизајн е помалку познат во Македонија и се уште се смета за луксуз, на што се должи тоа? Што може и што треба да се преземе по тоа прашање? Што би промениле вие?
Не се сложувам дека графичкиот дизајн кај нас е помалку познат. Голем број на дизајнери работат за клиенти од странство и се доста успешни, а се повеќе млади луѓе се определуваат да студираат графички дизајн.
Дали Македонија може да се пофали како земја во која „живее“ графичкиот дизајн, со оглед на тоа што ние се уште немаме ниту графичка енциклопедија. Има ли потреба од една ваква енциклопедија?
Кај нас живее графичкиот дизајн и мислам дека оди во нагорна линија, а што се однесува до енциклопедијата, мислам дека е потребна и треба што поскоро стручните луѓе во оваа област да ја изработат.
Како искусен и веќе докажан графички дизајнер, како би ја оцениле состојбата со младите дизајнери. Дали има интерес за графика и дизајн кај младата популација?
Како што наведов и погоре, се повеќе млади се определуваат за оваа професија и се подобри и подобри графички дизајнери се појавуваат, што значи дека има иднина за оваа професија. Во денешно време незамисливо е да се функционира без реклама.
Пред неколку недели се појавија многу вести поврзани со вашиот последен проект за редизајн на југословенски логоа и постери. Дали има некоја посебна причина и симболика и зошто ја избравте токму Југославија?
Овој проект веќе подолго време мислев да го реализирам и конечно најдов време да го направам тоа. Идејата ми беше да редизајнирам постери и дизајни на продукти од времето во кое растев, во кое се уште мислам дека имаше прекрасни врвни дизајнери, кои беа во чекор со трендовите, а и тие наметнуваа нови светски трендови. Голем е ризикот да редизајнираш нешто што сметаш дека е многу добро. Желбата ми беше во овие чудни времиња со кои се справува Балканот да ги потсетам луѓето на некои мали нешта за кои ги врзуваат убави спомени. Но, по реакциите на многу, многу луѓе, како и од мои колеги, мислам дека успеав да направам добри редизајни. Големи пофалби имав и од првите луѓе на BoredPanda, каде првично ги постирав овие постери. Овие неколку дена, буквално сите портали од земјите на поранешна Југославија ги постираат моите редизајни и имам многу позитивни коментари. И им се заблагодарувам за поддршката која ми ја дадоа.
Со што се занимавате во моментот, дали работите на нов проект? Можеме ли да очекуваме изложба од вашите сликарски и дизајнерски дела во блиска иднина?
Во моментов го работам вториот дел од редизајни на југословенскиот дизајн и за многу брзо време ќе бидат објавени и јавноста ќе има можност да ги види. Голем дел од моите работи можете да ги видите на www.behance/cardula и на сајтот www.boredpanda/author/zoran_cardula. За тоа дали ќе имам изложба, навистина не можам да кажам – немам во план, но никогаш не се знае.
Ирена Чаушки