На покана на Националниот демократски институт за меѓународни работи – НДИ, познатиот српски новинар и уредник во РТС, Зоран Станојевиќ допатува во Скопје за да им помогне и на своите колеги, но и на заинтересираните претседателски кандидати при модерирањето и учеството во политичките дебати. Во интервју за Радио МОФ тој зборува за отсуството на дебати на Балканот и во Македонија, за политичната култура, но и за предизвиците со кои се соочува во текот на својата работа.
Која е целта на вашата посета на Скопје, една седмица пред претседателските избори?
Целта е да им помогнам на колегите во НДИ, но и на модераторите да направат претседателска дебата најдобро што можат. Во Србија од 2008 година постојано работам дебати и сум дел од меѓународната организација за дебатирање која ја поддржува американската Комисија за претседателски дебати. Оттука, разменуваме искуства, советите кои им ги давам се нешто кое што јас, за жал, го имам пробано во пракса, така што тие можат да прескокнат некои мои грешки кои што сум морал да ги научам на потешкиот начин.
Работите и со модератори-новинари, а советувате и политички кандидати. На која од овие две групи им е потребна поголема помош?
На кандидатите, секогаш на кандидатите. Ако модераторите се искусни и сериозни новинари ним доволно е им се објасни што е, а што не е дебата. Важно е да сфатат дека дебата не е место каде што тие ќе дојдат до израз, туку овде се со својот авторитет, а кога на некој ќе му кажат дека треба да прекине, навистина ќе прекине (со зборување). Кандидатите мора да им веруваат и тука треба да заврши нивната улога. Кандидатите пак имаат проблем што не знаат да дебатираат. Повеќето од нив, кога треба да кажат нешто во 30 секунди или минута, не знаат колку е тоа. Ако пак станува збор за партиски лидери состојбата е уште полоша. Тие не се навикнати да им се ограничува времето за зборување, а не се навикнати и некој да им се спротивстави. Тие секогаш знаат се најдобро, па кога ќе се обидете да им објасните дека ова е ситуација кога избирачот одлучува дали знаат или не знаат, тешко им е тоа да го прифатат. Не знаат што треба да направат за да им се допаднат на бирачите. Нив за почеток треба да им се објаснат основите за влез во дебата и тоа е нешто што јас се обидувам да го постигнам со кандидатите. Тоа го правам и со кандидатите во Србија, но главно без добар резултат.
Велите дека е најтешко да се работат дебати во предизборие. Која е причината?
Во предизборно време се се мери поинаку. Ние сме посебни бидејќи дебати правиме меѓу изборите токму за да ги поттикнеме луѓето повеќе да разговараат и да се натпреваруваат во политиката на фер начин. Но, кога ќе дојде кампањата тогаш се се мери во грамови, се гледа дали секундата била подолга кај едниот или кај другиот. Исто е важно и кого сте поканиле. Во Србија имавме 19 листи, а во дебатата поканивме седум, по критериум кој бил во парламентот. Да се дебатира со седуммина е премногу, со 19 е невозможно. Но, оние 12 кои не влегоа гласно се бунеа и говореа дека и тие требале да имаат место во дебатата. Иако не ми беше сеедно кога не критикуваат , сепак ми беше драго што истакнаа дека дебатата е најважна политичка емисија на телевизија во предизборието.
Додека дебатираме за дебата, вистинска вест во земјава деновиве е таа дека ќе има дебата на четворицата претседателски кандидати на МТВ. По првичното изненадување, а според најавите во медиумите, сепак оваа дебата, а кандидатите ќе одговарале на одредени новинарски прашања. Како вие гледате на ваква дебата?
Јас претседателската дебата би ја работел во живо. Тоа е посебен вид дебата и секаде во светот се пренесува во живо. За добра дебата се смета онаа во која тие ги знаат темите, но не и конкретните прашања. Значи може да знаат дека на пример теми ќе бидат надворешната политика, односот кон НАТО и Русија, односите со соседите, но конкретно, како ќе гласи прашањето тоа не го знаат. Овде е улогата на модераторот кој ги подготвува тие прашања. Ако пак прашањата им се однапред познати, се губи од духот на дебатата и тие доаѓаат со подготвени говори. Ние во дебатата треба да видиме и како се снаоѓаат со прашања кои не и им се очекувани под услов на ниту еден од нив овие прашања да не му бидат доставени пред дебатата. Подобро е кога дебата е малку неизвесна и оди во живо бидејќи така има адреналин, кој во спротивно го нема. Јас разбирам дека во Македонија е потешко кога има два јазика и треба да се преведува, но не е невозможно да се направи. Уште една важна работа која треба да ја има на овие дебати е и превод на јазикот на глувонемите, бидејќи се смета дека треба да се покријат сите избирачи и да ја слушнат дебатата.
Имате работено и со Комисијата за претседателски дебати на САД.Може ли да направиме споредба во однос на културата за политичка дебата во предизборието меѓу Балканот од една и САД и Западна Европа од друга страна?
Би рекол дека кога САД се во прашање разликата е огромна. Тоа се однесува и на сите европски држави. Ние сме многу поблиски до Велика Британија, Франција, Германија одколку до Америка. Во САД тоа е подигнато на едно ниво кое на нас ни е достижно, па исто толку и американската кошарка. Нашите можат да се снајдат таму, но не можат да бидат клучни играчи. Исто важи и за нашите политичари, на тоа ниво е невозможно да се прави дебата. Американските политичари се подготвуваат за дебата со недели и месеци, вежбаат како да се однесуваат, што да прават. И самата дебата, една година претходно се знае кој универзитет ќе ја организира. Неколку месеци пред дебатата се почнува со трибини и слични активности, а седум дена пред одржувањето се е насочено во тој правец. Бев на една таква дебата, па… па тоа за новинарите е Дизниленд, тука се сите можни политички аналитичари, значајни политичари, историчари, сите телевизии, целиот политички естаблишмент на САД. Треба само да прошетате со микрофонот и ќе добиете феноменални соговорници.
Какво влијание врз дебатите има политичката контрола врз медиумите, со оглед на тоа што неретко имаме ситуации кога самите кандидати, или партиите,бираат на кои медиуми сакаат да ги има, а каде не сакаат да одат?
Јас секому му велам, според моите искуства од Србија посебно со промената на власта последниве две години, дека иако оние кои се на власт велат дека немаат што да разговараат со опозицијата, во еден момент тоа ќе се промени. Можеби сега тоа изгледа невозможно, во Србија исто така изгледаше невозможно, но дојде до промена и од тој момент новата власт не сакаше за зборува со опозицијата. Ако тие до вчера се бореа да разговараат, сега истите тие не сакаат за разговараат. Мислам дека слична е состојбата на цел Балкан, но политичарите треба да сфатат дека додека се на власт треба да се борат за својата положба во опозиција. Она што ќе и го дозволат на опозицијата додека се на власт, ќе ги дочека кога ќе бидат симнати од власт. Ако воведат дебата и односот кон медиумите им биде поинаков, тогаш кога ќе бидат во опозиција сепак ќе можат да влезат во медиумите и да зборуваат. Кај нас тоа се случува, ние да немаме причина да ја каниме опозицијата бидејќи таа за ништо не одлучува. Обично власта има таков став, ако ја поканите опозицијата-јас не доаѓам! Мислам дека политичарите не разбираат зошто е тоа важно да развиваат политичка култура. Прво тоа ќе ги одржи подолго на власт, а второ кога ќе одат во опозиција тоа нема да биде толку страшно, па ќе можат побрзо да се вратат назад.
По претседателските следат парламентарните избори. Какви се вашите прогнози, ќе видиме ли вистинска политичка дебата следниве две недели?
Парламентарната дебата е исклучително важна. Тоа е можност да ги ставите на едно место и да направите споредба на сите кампањи кои ги слушате, а во кои секој е најдобар и најпаметен. Тоа за бирачите е исклучително важно, да ги слушнат кога се едни покрај други и не можат да се фалат без некој да им упадне и да им каже – извини, ова не е точно. И ние новинарите во кампања обично не поставуваме премногу прашања бидејќи тоа е можност за политичарите за зборуваат повеќе за себе и за својата понуда. Но кога е време на парламентарни избори нема дебата ниту во собрание, а единствен разговор каде што има повеќе партии е политичката дебата на телевизија и таа е исклучително важна. Мислам дека е многу важно да се организираат дебати како што организира НДИ и сите да се натпреваруваат, да покажат како стојат нивните идеи во споредба со останатите.
Што според вас е успешна дебата?
За мене секоја дебата која ќе заврши без испади е успешна политичка дебата, на која сите ќе дојдат и тие 90 минути да поминат без никој да ја напушти дебатата, да биде опоменат или да ги прекрши правилата. Јас поголем успех од тоа не барам. Добра дебата пак е ако биде и интересна, ако има нешто што луѓето сакале да го видат и се задоволни. Не би барал повеќе, не би барал преку леб погача, туку би рекол, ајде да направиме дебата каде што сите ќе се однесуваат политички пристојно. Ова не значи дека во неа нема да има оган и напади, но се во рамки на договорениот формат. Оттука, не смееш да ми влетуваш во збор, а кога е твој ред зборувај што сакаш со политички дозволен речник, без пцовки и навреди, изнеси го своето мислење и нападни ме најстрашно со нормален јазик. Јас ќе ти одговорам најдобро што можам и ќе те нападнам тебе. Всушност треба да имаме една борба на идеи, а не борба на лични карактери. Во обичните ТВ емисии се спротивставуваат карактери, јас сум бучен, тој е „намќор“, јас викам, тој се лути. Во дебата тоа го нема, ограничен сум со време, можам да бидам бучен, ама во својата минута. Кога другиот ја користи минутата, јас можам само да молчам и со мојата бучност неможам никого да надвикам. Тоа е проблемот со дебатите и затоа некои политичари бегаат од нив, не се подготвени, не знаат да го измерат времето, нивните лични особини не доаѓаат до израз, а не можат никому да му кажат да молчи. Тука се само нивните идеи и бирачите кои ги слушаат. Во таква состојба многу политичари не сакаат да се најдат.
Јасмина Јакимова