Овие денови одекна вест за девојката од Приједор, место во Босна и Херцеговина, мал град во близина на хрватската граница, навидум далеку од Србија, а истовремено и поблиску отколку што мислиме. Девојката се вика Јелена Топиќ, и таа за мене е новиот симбол за сите млади на овие простори.
Приједор е град за кој никогаш ништо немав слушнато до скоро. Дали девојката Јелена е заслужна за тоа? Да. Последен пат кога го споменав веројатно беше за време на војната на бившите југословенски простори… но, денес тој е мал симбол за сите млади кои се во кожата на Јелена. Градот близу Европа, а далеку од нејзините вредности, уште подалеку од системот на вреднување на едукацијата, почитување на човековите права на Балканот, а за мене лично како да е на следната улица. Јелена Топиќ можеби мирно стои и молчи, но таа всушност раскажува една приказна која што е многу важна за сите нас. Нејзината тишина е громогласна, и јас потполно ја разбирам.
Сите се прашуваат зошто, зошто и требало тоа? Но, на Јелена и пукна филмот и се одлучи токму на овој чекор со што би привлекла внимание за ситуацијата на младите на Балканот, за системот на вредности кој постојано ја спушта на земја и не дозволува да го покаже својот талент, и својот карактер.
Јелена ни кажа дека тоа што има два факултета не значи ништо. Дека тоа што не може да најде работа можеби не значи ништо. Дека тоа што можеби би сакала да се усоврши дури и без парични надополнувања, а нема каде, не значи ништо!
Јелена ни посочува дека Приједор и младите кои живеат во него е град без иднина, град кој не живее, туку град кој преживува. Приједор е само уште еден Крушевац, Костолац, Лепосавич, Врњачка бања, Бања Лука, Цетиње итн. Тоа е всушност уште еден град кој на младите не им пружа ништо!
Јелена мирно стои затоа што сака да покаже што системот сака од неа! Да молчи, да стои, да не приговара, да не говори, да не бара нешто што на државата не и одговара, и за возврат да не добие ништо!
Колку има смелост во таа девојка! Колку храброст. Тоа огледало што го држеше е показател дека и ние сме како и таа. Погледнете се во огледалото што е во нејзините раце и ќе сфатите дека таа си ти, и дека ти си таа.
Јелена ни порачува дека нема повеќе идеи освен овие. Молчењето е најсилна порака. Дека и во Србија треба да се стои. Дека и во Србија треба да се биде покорен, да се трпи тортура, да преживуваш.Тој истиот Приједор е и мој град.
Денес повторно станав и си дадов за задача да барам работа. Во слична ситуација сум како и Јелена. Белград можеби навидум ми нуди многу повеќе, но всушност е мал исто како и Приједор. Без идеи, тој ни нуди само илузија дека ќе биде подобро.
Јелена е една од нас. Сите оние кои се на бирото за вработување со денови, месеци, години. Деновите бавно минуваат, месеците и вака и онака, ама години што летаат, па тоа е страшно! Јелена е од нашата генерација на изгубени младости по војни, санкции, уценување на други. Јелена е онаа девојка која речиси никогаш не патувала, која речиси никогаш не подарила нешто некому затоа што немала пари, која има талент но нема каде да го покаже, која само сака да живее од својот труд, која сака да се вработи без врски, која сака да создаде семејство во Приједор, но нема услови.
Јелена ни препорачува дека нашиот систем не гледа, не препознава. Дека за мојата професија нема место во системот. Дека на огласите за работа нема работа за мене. Дека морам да се дообразовам. Дека морам да одам во странство за да ми биде подобро.
Јелена е онаа девојка која го слуша секое ветување на властите. Девојка на која и здодеало да гледа вообразени старлети кои го обиколуваат половина свет и позираат пред секој монументален објект, затоа што виделе дека и сите други тоа го прават. Јелена е онаа девојка која нема да го обиколи светот. Јелена е онаа девојка која не би се соблекла за да би била забележана!
Јас сум Јелена! Моите пријатели се Јелена. Генерациите кои доаѓаат не сакам да бидат Јелена.
Својот роденден, оној осумнаесетти го прославив во подрум… беше за време на бомбардирањето на Србија. Од тогаш до денес некои работи се променија… некои не. Системот на вредности се всадува во семејството, не на телевизија. Системот на вредности повеќе не постои во Приједор. Системот на вредности го креираат оние кои во деведесеттите биле млади, биле тинејџери. Оние кои во тие години се „фураа’’ со малиција, kappa тренерки, на кои пример им биле оние кои спиеле по хотели, возеле добри коли, кои се збогатиле. Тие генерации и ден денес имаат корени во нашиот систем, тие генерации се неизбежни, тие генерации ти ја овозможуваат работата, тие генерации не и дозволуваат на Јелена да го најде своето место во системот! Јас се уште сум во подрумот!
Јелена стои во место, а го обиколи светот! Јелена го претставува своето семејство, својот систем на вредности. Јелена не сака да замине од Босна, од Приједор. Јелена не сака да предизвикува кавги дома поради тоа што нема работа. Јелена нема прилика да започне нешто свое. Јелена нема две години искуство за да би можела да добие можност. Јелена се има себеси и својот систем на вредности!
Јелена не сака да ја понижуваат. Јелена не сака оние со купена диплома да имаат предност. Јелена да сакала, би можела да си отиде надвор од земјата и да се бори на некое друго место. Јелена мирно стои додека животот покрај неа поминува. Истиот оној како и вчера, истиот оној кој не и влева надеж за подобро утре.
Јелена сега е со мене, и добива поддршка! Јелена се бори и јас ја поддржувам. Дури и вака, со овој текст. Дополнете и вие зошто Јелена молчи… верувам дека ќе го пронајдете одговорот.
Автор: Марко Цветковиќ
Професија: Дипломиран економист
Извор: blogmagazin.rs