На овогодишното 45-то издание на Фестивалот за млади „Џифони Искуство“ кој се одржува во период од 17-ти до 26-ти јули во градот Џифони, Република Италија, 12 млади на воздраст од 13 до 18 години од нашата земја ќе бидат дел од делегацијата на Република Македонија.
Како и секоја година така и оваа младите од жирито ќе имаат можност да се сретнат и да дискутираат со многу интернационални и домашни ѕвезди од светот на филмот меѓу кои Марк Рафало, Том Фелтон, Мартин Фримен, попознат меѓу младите како Хобитот Билбо Бегинс, Алесандро Барико, еден од најголемите современи автори на Италијанската литература како и едно од најголемите холивудски актерски имиња, познатиот Орландо Блум, соопштуваат од Агенцијата за филм.
На 22-ри јули во рамките на фестивалот ќе се одржи денот посветен на Република Македонија.
Денот на Македонија ќе ги опфати следниве активности: Ревија на кратки македонски филмови поддржани од страна на Агенцијата за филм, забава во Паркот Холивуд наменета за младите присутни на фестивалот, македонска вечер за присутните делегации на фестивалот на која преку брошури, каталози и сл. ќе се престави Македонската кинематографија и Македонија како дестинација за снимање на филмови како и македонски производи како што се виното, сирењето, ајварот, малиџаното и сл.
Забавата наменета за младите која ќе се одржи во Паркот Холивуд е помогната од страна на Капри – Мак Инвест. Додека македонската вечер наменета за делегациите е помогната од страна на винаријата Тиквеш и Мамас.
На фестивалот во период од 21-ви до 23-ти Јули во организација на Џифони Искуство и Доха Филм Институт ќе се одржи самит посветен на младите и медиумите.
Република Македонија преку претставници од Агеницијата за филм на РМ ќе земе активно учество во истиот заедно со претставници од меѓународни организации и институции од повеќе од 20 земји и ќе се говори за важноста на создавање на оваа интернационална мрежа чија цел е промоција на културните настани за деца и млади во ерата на новите медиуми и социјални мрежи, поттикнување на производство на аудиовизуелни, креативни и уметнички производи како и создавање на заедничка стратегија за справување со новите предизвици поврзани со креативноста на пост дигиталната ера.
Последниот ден од самитот ќе биде посветен на презентација на нови идеи од сите претставници во мрежата кои се во насока на развој на младите и медиумите од кои се очекува да произлезат нови заеднички проекти кои ќе се создааваат во периодот кој следи помеѓу земјите членки.