„O2 Иницијатива“ се придружуваме кон барањата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој денеска побара кривична одговорност од „Булмак 2016“ по повеќе основи за излевањето од рудникот Тораница на 14 март во Крива Река, кога се излеа голема сива маса која потполно ја замати Крива река и Тораница.
„Дента примероци од водата земаа од риболовниот клуб МРЕНА Крива Паланка, а општината земала примероци следниот ден, за разлика од инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кои не земале примероци за анализа од водата на Крива Река и Тораница, со цел идентификација на изворите и обемот на загадувањето, не повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, при состојба на комплетна заматеност и полна со талог на инаку бистрата река. Нивна обврска согласно законот при настаната хаварија е да ги утврдат опасните супстанции кои се присутни, податоците кои се потребни за проценување на последиците од несреќата по здравјето на луѓето и по животната средина“, велат од „О2 Иницијатива“.
Дополнително, тврдат дека ДИЖС ја дезинфмирало јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, без да изврши анализа на водата за да тврди такво нешто, со што, велат тие – јавноста била излажана.
„Ние истото утро стапивме во контакт со ДИЖС и баравме да излезе инспекција на терен што побрзо и да се земат примероци од водата“, потенцира „О2 Иницијатива“.
Еко-активистире реагираат дека реката е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.
„И реката Пчиња е загрозена. Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи. Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко поле“, нагласуваат тие.
Оттука, бараме Обвинителство да отвори истрага за случајов, а Инспекциски совет и Министерството за животна средина (МЖСПП) да го испита делувањето на инспекторите.
„Бараме од Владата и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување. Ефектот од ваква хаварија е кумулативен и поморот на живиот свет во Крива Река и Тораничка може да се случи со тек на време, ако не се случил во првите денови. Го повикуваме Природно-математичкиот факултет, Институтот за сточарство и рибарство да излезат на терен и ја утврдат состојбата со живиот свет во овие реки“, посочуваат еко-активистите.
Со оглед дека ова е трето прекршување, бараат МЖСПП да ја одземе А интегрираната еколошка дозвола на „Булмак 2016“.
Во однос на транспарентноста, зададена со закон, посочуваат дека Решението од инспекцискиот надзор не е објавено согласно законот на веб-страницата на ДИЖС.
„ДИЖС не ги објавува своите инспекциски акти на својата веб страница најдоцна во рок од 5 дена од нивно носење, како и извештаите од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола. На страницата објавени се само инспекциски акти од 2023 година, иако законот се применува од крајот на 2019“, забележува еко-организацијата.
Во однос на денешното соопштение од МЖСПП за случајов, велат дека е цитиран министерот Изет Меџити дека законот мора да се почитува. Со оглед дека ДИЖС е сега под наделжност на МЖСПП, очекуваат веднаш да започнат со спроведување на законот и објава на сите инспекциски акти и извештаи од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола на веб-страницата на ДИЖС.
„Според информации на свиркач: цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана; надвисува јаловишната брана без дозвола; едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на ’Булмак 2016’, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата“, реагира „О2 Иницијатива“.
Инаку, како што посочуваат еко-активистите, фирмата „Булмак 2016“ која стопанисува со рудникот Тораница е во сопственост на бугарската фирма „Минстрој“ на бизнисменот Николај Валканов.
„Тој е поранешен потпретседател на озлогласената ’Мултигруп’, која беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и еден од најблиските соработници на сопственикот на ’Мултигруп’, Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како ’доајен на бугарскиот организиран криминал’. Во 2021 година ’Булмак 2016’ имала профит од 13 милиони евра“, стои во реакцијата на „О2 Иницијатива“.