Празничниов период надминати се многукратно праговите на информирање и алармирање за ПМ10 во многу општини. Обврска на секоја општина и Град Скопје е да ги информира граѓаните преку своите веб страни, социјални мрежи и медиумите за овие надминувања и даде препораки / преземе мерки со цел да се избегнат можните негативни ефекти предизвикани од ПМ10, реагираат од „О2 Иницијатива“.
Еко-активистите потенцираат дека Институтот за јавно здравје има обврска да ги информира јавните здравствени центри и здравствените институции, но и да даде препораки заедно со Министерството за здравство за ограничување на движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
„Треба да се одложат сите активности на отворено, доколку не се итни“, потсетуваат од „02“.
Од таму потенцираат дека е потребно да се информираат граѓаните за здравствените ефекти од вдишување суспендирани честички кои се јасно документирани и истите се однесуваат на краткорочно (часови, денови) и долгорочно (месеци, години) изложување.
„Главните здравствени ефекти се: респираторни и кардиоваскуларни заболувања, влошување на астма и респираторни симптоми; зголемена смртност. Особено ранливи се чувствителните групи со претходни белодробни и срцеви заболувања, како и повозрасни лица и деца. Да се очекува зголемен број на посети и приеми во болница поради изложеноста на високи концентрации на PM. Вакво инфомирање изостанува“, забележуваат еко-активистите.
Тие, меѓу другото, ги повикуваат сите општини, ИЈЗ, Министерството за здравство, да ја информираат јавноста за надминатите прагови на информирање за ПМ10, здравствените ефекти и препораките, како и до градоначалниците и Владата, да ги преземат сите можни мерки при надминување на прагот на алармирање и известат граѓаните преку прес конференција, медиумите, веб страните, социјалните мрежи.