На струшкото село Октиси му се заканува еколошка катастрофа. Околу 5.000 жители на селото може да останата без вода за пиење поради прекумерната сеча на шумата од страна на „Македонски шуми“ непосредно кај изворите, каде земјата е кревка и лесно може да дојде до свлечишта и да бидат уништени изворите или пак загадени, реагира „О2 Иницијатива“.
Во најдолгиот велигденски карантин, среде полициски час, велат еко-активистите, се сечела шумата во Октиси, „Македонски шуми“ со сопствена механизација пробила пат во должина од 3 км во вонредна состојба, кога мештаните биле затворени дома, но тој пат минува и низ 30 парцели приватен имот.
„Жителите постојано одат на местото на сечата, на приватните имоти каде минува патот, физички обидувајќи се да запре девастацијата, но полицијата ги приведува на распит“, стои во реакцијата.
Од таму потенцираат дека повлекување на механизацијата од атарот на селото Октиси, поништување на тендерите за сеча на шума и мерки за прогласување на планината Јабланица за национален парк, се барања што жителите на Октиси ги доставија до надлежните институции уште на мирниот протест одржан во февурари годинава.
Според проценките на жителите, околу 70% од шумата во околината на селото се уништени поради неконтролирана сеча, а зачестиле и појавите да се предизвикуваат намерни пожари за потоа да се експлоатира дрвото.
„Од ‘Македонски шуми’ известиле дека експлоатацијата на шумата се одвива плански и согласно законот. Инаку, предлогот планината Јабланица да биде прогласена за заштитено подрачје е усвоена од Владата. До кога вака? До кога ќе се оди контра потребите и барањата на локалните жители, до кога со девастацијата „согласно законите“, до кога со прекумерната експлоатација, до кога со игнорирање на алармантната состојба во која се наоѓаме и девастирање на подрачја кои треба да се заштитени?“, се вели во реакцијата на „02 Иницијатива“.
[Видео] Иницијатива Октиси: Масовни протести доколку не престане сечата на шума