„Минатата година увезени се 21.167 тони отпад, споредено со 2014 кога се увезени 346 тони, за 61 пат помалку отпад од 2018, според извештаите на МЖСПП. Во 2018 увезени се и 2.593 тони опасен отпад. Овој отпад влегува само врз основа на тарифни бројчиња, контрола со анализи – нема“, реагираат од О2 Иницијатива.
Од таму ја повторуваат и анализираат изјавата на премиерот Зоран Заев, кој рече дека Владата ги прави сите можни анализи и истражувања на било што влегува во земјава, пред се’ од еколошки аспект.
„Премиерот на крај од својот мандат или не знае како функционираат службите или тера предизборен ПР каде не е битно дали е нешто вистина или не. Во двата случаја недозволиво. Не, во нашата земја не се прават сите можни анализи и истражувања на она што се увезува, туку едниствено што се контролира се тарифните бројчиња и поврзаните документи“, соопштува О2 Иницијатива.
Еко-активистите сметаат дека кај нас отпадот се увезува само со контрола на хартија, без лабораториски анализи.
„Едно од над 100 барања упатени до оваа власт, која очигледно има намера да остане глува и го заврши својот мандат како што го тераше до сега, со ЌЕ и неисполнување, е контрола на отпадот на граничните премини, царина. Бараме она што премиерот го изјави дека ова Влада го правела, ‘сите можни анализи и истражувања на било што во земјата кое што влегува, пред сè од еколошки аспект“, се вели во реакцијата на О2.
Еко-активистите вчера соопштија дека сегашниот, а и новиот предлог-закон за управување со отпад дозволува увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија. Наглаија дека Усје (случај актуелен во јавноста) увезува отпад од странство легално и го согорува во своите печки легално како извор на енергија.
„Затоа, бараме до крајот на годинава да се воведе ЗАБРАНА за увоз на отпад како извор на енергија!“, рекоа од О2 Иницијатива.
Со оглед дека нема реакција на Владата во насока на исполнување на барањата, потсетуваат дека овој петок (20 декември) од 17 часот ќе започне нов протестен марш на над 35 здружени организации и иницијативи, кои рутата ќе ја завршат во 18 часот пред Владата.