Еко-активистите од „02 Иницијатива“ потенцираат дека вчера се усвои буџетот на Град Скопје за 2023 година и тој ќе изнесува 6,4 милиони евра за функцијата заштита на животната средина. Доколку ги земеме предвид сите предизвици со кои се соочува Скопје со загадувањето и заштитата на животната средина и природата, велат тие, планираните средства за овие области, за 2023 година не се доволни.
Според анализата која „О2 Иницијатива“ ја направи на буџетите од 2014 до последниов предлог за 2023 по однос на функцијата заштита на животна средина, најголем реализиран буџет за заштита на животна средина имало во 2020 – €9.67М , потоа во 2021 – €8.96М, па во 2019 – €8.44М, за време на градоначелствувањето на Петре Шилегов.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално целата анализа на „О2 Иницијатива“:
„Најмали буџети се во 2014 – €2.77М и 2015 – €2.77М, кога градончалник бил Коце „Трајановски, и последниот реализиран буџет за 2022, до 30.09.2022 – €2.45М, со Данела Арсовска како градоначалничка.
Ќе ја следиме финалната реализација за 2022 година, за која планираниот буџет беше €5.58М.
Во буџетот за заштита на животна средина влегуваат: Одржување и користење на паркови и зеленило и капитални трошоци за нив, посебно заштита на животната средина и природа со капитални расходи, изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води и јавна чистота со капитални трошоци.
Нашата анализа јасно покажува дека најмногу средства се вложени во паркови и зеленило, капитални трошоци. Во периодот од 2014-2017 на второ место е одведување и пречистувањето на отпадни води, во 2019 и до 30 сеп. 2022 тоа е јавната чистота, а во 2018, 2020, 2021 и планираниот за 2023, тоа е посебно заштитата на животната средина и природа.
Анализата покажува многу формални испитувања, анализи, програми и елаборати, но многу мала реализација на терен.
– Се градат фекални канализации, но пречистителна станица за Скопје сè уште нема, не е јасно во која фаза од процесот е заглавена.
– Нема ниту една педа помрднување кон интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Скопскиот регион. На ниво сме на поставување контејнери и собирање на ѓубрето, во постојана борба со дивите депонии, тоа е дострелот. Селекција, рециклирање се речиси непостоечки. Дрисла е само една голема старомодна депонија од минатиот век, која не е ни приближно она што треба да биде во денешно време во кое сите одговорни градови се стремат кон нула отпад.
– Се утврдува загаденоста со тешки метали во зеленчукот и овошјето, но не се прочистува загадената почва.
– Се утврдува загаденоста на реките и на подземните води, но не се прочистуваат и не се решаваат нелегалните испусти во нив. Изворите на вода не се соодветно заштитени.
– Заштитените подрачја (Водно, парк на природата Гази Баба, Езерце, Острово..) се главно заштитени на хартија, а во реалност оставени на (не)одговорност на граѓаните и институциите.
– Аерозагадувањето е хронично високо, но нема системски пристап и сериозен план за негово конечно решавање во догледно време.
– Еколошки јавен превоз и безбедна мрежа на велопатеки се уште далеку од дофат.
– Постојано има интензивни градежни активности, без нормален сооднос на парковско зеленило во урбаните блокови. Далеку сме од препорачаните 25м2 зеленило по жител
– Енергетската ефикаснот на објектите и обновливите извори на енергија се во почетна фази.
Суштината е: сакаме чист воздух, доволно парковско зеленило во близина, чиста вода за пиење, незагадена храна на пазарите од локално потекло, растеретен сообраќај, безбеден алтернативен превоз, кон нула отпад. Доцниме најмалку две децении, делумно и заради недоволно инвестиции. Каде сме сега и колку се двои за да стигнеме каде сакаме, што конкретно значат овие буџети, какви проекти се реализирани?
Во ЈМ-Паркови и зеленило (капитални трошоци), главната сума се троши на реконструкција и подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови, потоа на набавка на садници. Рекултивација и пошумување/ ревитализација на Парк Шума Водно се повторува низ годините како планирана активност, но од година во година не се реализира.
Во ЈИ-Изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води, влегува изградбата на пречистителна станица Волково (2014 г.), фекална и атмосферска канализација, фекален колектор, најголем дел во периодот од 2014-2017.
Во Ј4-Јавна чистота, се субвенциите за ЈП Комунална Хигиена, потоа средствата за расчистување на диви депонии. Во капиталните трошоци спаѓаат субвенциите за ЈП Комунална Хигиена за подземни контејнери, за набавка на машини, за набавка на контејнери за одлагање отпад, комунални возила за собирање на отпад и електрични машини за собирање смет, најголема сума одвоена во 2019 година.
Во Р1-Заштита на животната средина и природа, најголем дел од средствата одат за субвенции за печки на пелети, инвертери (особено во 2020 год, каде од дотации на Владата се потрошени 3,3 милиони евра за оваа цел), субвенции за велосипеди, електрични тротинети и велосипеди, субвенции за ЈСП за бесплатен превоз во денови на алармантно аерозагадување.
Во оваа програма влегуваат изработките на разни планови, програми, елаборати, студии, изработка на зелен катастар, интегриран катастар на загадувачи, регистар на бунари, испитување на алтернативни извори за водоснабдување, поставување на континуиран мониторинг на Кадина река и Врело, идентификација на индустриските испусти во Вардар и квалитативни и квантитативни карактеристики на отпадните води, испитување на квалитет на водите во Скопска и Полошка котлина, испитување на аерозагадување од сообраќај и од загревање на дрва, утврдување на тешки метали во зеленчук и овошје, испитување на радиоактивноста, активности за намалување и прилагодување на климатските промени, карта на биотопи, урбана градина, мерења при инспекција и др.
Во РА-Заштита на животната средина и природа (капитални расходи), најмногу било одвоено за замена на азбестно цементни плочи на СУГС (во 2014, 2015 и 2017 г.) и изградба на зелени кровови (2018, 2019, 2021 г.), за реализација на посебен план за заштита на Водно, зелен коридор по р. Серава, намалување на урбани топлотни острови, поставување на 10 пиезометри за бунарското подрачје Нерези-Лепенец, уредување на парк шума Гази Баба и Водно и др“, стои во анализата на „О2 Иницијатива“.