Ултра загадено, воздухов токсичен, ама амандмани на Буџетот за 2024 година за конкретно намалување на аерозагадувањето не се прифатија, реагираат од „02 Иницијатива“.
Од таму посочуваат дека заменик-министерот за финансии Филип Николоски за амандманот за замена на начинот на загревање на здравствените и образовни установи и јавни објекти, кои користат мазут или нафта (екстра лесно) во најзагадените градови во Македонија, кажа дека имало за тоа заем од ЕБОР за енергетска ефикасност.
„Секоја година се дава тоа објаснување и нема никаква замена на начинот на загревање на овие објекти. Така и за 2024 година, пари за замена на начин на греење на јавни објекти – нема. Инаку оваа Влада се обврза дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Еве сме 2024 и ништо од тоа!“, стои во реакцијата на еко-активистите.
За 1.000 филтри за домаќинства (120 евра еден) и 3 вшмукувачи на издувни гасови од сообраќајот на големи раскрсници, министерот кажа дека биле обезбедени 53 милиони денари во потпрограмата квалитет на воздух.
Еко-активистите потенцираат: во таа потпрограма нема ниту 1 денар за намалување на аерозагадувањето.
„Пратениците од владеачкото мнозинство гласаа против овие и сите други амандмани за заштита на животната средина. Дел од овие пратеници се членови на Зелената интерпартиска парламентарна група, која остана само про-форма група, без вистински залагања за зелени политики. Инаку, да се усвоеја сите предложени амандмани за заштита на животната средина, сумата ќе беше само 0.15% од вкупните расходи на Буџетот кои се над €6 милијарди“, забележуваат од „О2 Иницијатива“.