Според анализата на УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“, која беше презентирана денес, околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија.
Анализата „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата“ покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година, што е за 9 отсто повеќе во споредба со ситуацијата пред кризата. Состојбата е полоша кај семејствата со 3 или повеќе деца. 44% од нив страдаат од прехранбена сиромаштија.
„Мерките од двата пакети мерки на Владата се проценети како ефективни во распон од 30 до 60%, зависно за која конкретна стапка и за која конкретна популациска група, односно ако не беа мерките, ударот на кризата врз благосостојбата на домаќинствата ќе бил за 40 до 70% поинтензивен“, рече Марјан Петрески од „Фајненс тинк“.
Според Петрески, анализата јасно покажува дека мерките им помогнале на сите доходни групи, значи и на оние кои ударот на кризата можеле да го поднесат самите, што создава значителни јавни расходи и создава потреба дополнително да се задолжуваме.
„Јавните расходи мора да обезбедат услугите за децата да не бидат дополнително влошени поради растечките трошоци и падот на јавните приходи. Децата треба да останат во центарот на вниманието на сите национални развојни напори кои ќе обезбедат пристап за секое дете до основни социјални услуги како што се образованието, здравството и детската заштита, без оглед на растечките трошоци за електрична енергија и греење на објектите,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.
Споредено со 2021, Индексот на трошоци на живот во 2022 година во Северна Македонија пораснал за 14%. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%. Овие ценовни шокови несразмерно повеќе ги погодија семејствата со повеќе деца и со пониски приходи, со оглед на поголемиот удел на трошоците за храна и енергија во нивниот домашен буџет. На најранливите делови од населението им остануваат малку пари за задоволување на преостанатите основни потреби.
Препораките од истражувањето се фокусираат на потребата од обезбедување попрецизно насочена поддршка за намалување на товарот врз децата:
• Проширување на субвенцијата за енергетска сиромаштија за најранливите семејства и олеснување на условите што треба да се исполнат за добивање гарантирана минимална помош за клучните ранливи групи на домаќинства.
• Почести приспособувања на социјалната парична помош со цел нејзино усогласување со растечките цени и зачувување на нејзината вредност.
• Во контекстот на растечките притисоци врз националниот и општинските буџети, потребно е да се заштитат основните здравствени услуги, социјалната заштита и образованието преку зголемување на ефикасноста, ефективноста и правичноста во трошењето на јавните пари за овие сектори.
• Воведување програма за бесплатен оброк за учениците, што не само што ќе го подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците, туку и ќе ја намали сиромаштијата.