Веќе објавивме дека гејмерската заедница ја очекува прилично плодна година, особено по пандемискиот период кога имаше благ застој во развојот на разни изданија, па некои игри беа пролонгирани токму за 2023.
Годинава веќе донесе наслови како „Forspoken“, римејкот на „Dead Space“, долгоочекуваната „Hogwarts Legacy“, потоа „Atomic Heart“, „Sons of the Forest“, „Wo Long“… а сега Радио МОФ направи листа на 10 видеоигри кои своја премиера имаат токму овој месец:
Curse of the Sea Rats
Објава: 6 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, Switch, PC
„Curse of the Sea Rats“ e платформска авантура со стаорци во „метроидванија“ стил. Ова е епско патување на четворица затвореници од Британската империја, претворени во стаороци од озогласената пиратска вештерка, Флора Бурн. За да ги вратат човечките тела, тие мора да прават скок-пук во воздух, да рипаат од платформа до платформа, да се тепаат со босови, да ги откријат тајните на ирското крајбрежје и на крајот да ја фатат вештерката што ги проколнала. Анимациите се прилично впечатливи, рачно направени во „Дизни глушечки стил“, а играта има нешто повеќе од 12 часови содржина преку лавиринтска мрежа од стотици патеки, соби и скриени богатства.
Suffer the night
Објава: 7 април за PC
„Писмото е само почеток. Изгори го. Уништи го. Не ја играј неговата игра. Кога ќе го видите бледиот човек, веќе е доцна!“.
Ова ви личи како најава од некоја хорор игрица? Да, затоа што ова е најава од некоја хорор игрица. Се работи за „Suffer the night“, инди хорор игра за преживување во прво лице. Сместена е во 1989 година, така да, го има и вајбот на слешер филмовите од 80-ите.
Sherlock Holmes: The Awakened
Објава: 11 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, Switch, PC
Се работи за римејк на истоимената игра од 2007 година, каде Шерлок Холмс и неговиот придружник д-р Џон Х. Вотсон истражуваат серија чудни исчезнувања поврзани со митот за Ктулху. Оваа верзија не само што го унапредува гејмплејот и графиката, туку и сценариото на оригиналот, која беше првата 3Д игра на „Frogwares“.
Minecraft Legends
Објава: 18 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, Switch, PC
По успехот на „Minecraft Dungeons“ во 2020 година, „Microsoft“ и „Mojang“ месецов ќе објават уште еден спиноф на „Minecraft“. Наречена „Minecraft Legends“, ова е акциона-стратешка игра што се обидува да комбинира RTS механикa, пристапна и погодна за гејмање на цело семејство. Кога велам „цело семејство“, не велам „само за деца“, туку дека има PEGI 7 за насилство. Играчите го спасуваат Overworld од окупаторска војска, користат магичен инструмент за да командуваат со други ликови, бараат ресурси да градат објекти.
Horizon Forbidden West: Burning Shores DLC
Објава: 19 април за PS5
Хероината Илој од „Horizon“ на 18 април ја продолжува својата авантура против кибернетските суштества во „Burning Shores“, што всушност претставува DLC на вториот дел од франшизата. За жал, ова e повторно ексклузивка за Play Station, така да, луѓето како авторот на текстот пак ќе мораат да чекаат компанијата да продаде милиони копии, да заработи десетици милиони евра, за потоа да реши да „пушти душа“ и да направи порт и за PC за „Forbidden West“ сосе новава додавка.
Stray Blade
Објава: 20 април за PS5, Xbox series X|S, Xbox One, PC
Stray Blade е акциона-авантуристичка игра што ве внесува во колоритен свет на античката долина Акреа, опустошена од граѓанска војна. Играте со човек налик на витез, имате и придружник што личи на суштество – хибрид од гремлин, зајак и волк. Како и секоја втора денешна модерна игра, секако има RPG елементи, па најавено е систем за надградба на карактерот, за да може да го јачате и да го спремате за борби со мач додека истражувате антички урнатини на мистериозна цивилизација.
Tin Hearts
Објава: 20 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, Switch, PC
Зад секој брилијантен изум се крие магична приказна. Од членовите на тимот што ја донесе „Fable“, доаѓа „Tin Hearts“ – наративна авантуристичка игра со загатки, обвиткана во емoтивна приказна, по линија на Алберт Џ. Батерворт – генијален изумител од викторијанските времиња. Играчите водат трупа палави лимени војници низ магичен свет исполнет со играчки користејќи чудни и инвентивни средства. Ќе можете да марширате низ преку 40+ нивоа, да скокате во воздух, решавате загатки…
Dead Island 2
Објава: 21 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC
По осумгодишно развојно патување низ три различни студија, „Dead Island 2“ конечно ќе ја види светлината на денот во 2023 година. Врз основа на досегашните трејлери, „Dead Island 2“ на играчите ќе им понуди милион грозоморни начини да тепаат, пукаат, горат, гмечат, сечат и пасираат живи мртовци. Приказната вели: неколку месеци по случувањата на првиот „Dead Island“, американските вооружени сили ја ставаат Калифорнија под целосна карантинска ограничена зона. Наизглед, нема тука ништо оригинално, ама е сигурен рецепт за играчи што ќе убиваат досада додека убиваат зомбиња.
Bramble: The Mountain King
Објава: 27 април за PS5, Xbox series X|S, Switch, PC
„Bramble: The Mountain King“ е авантура сместена во свет инспириран од мрачни нордиски приказни. Играчите ќе ја истражуваат прекрасната, но и опасна земја на Брамбл, со цел да ја спасат сестрата на главниот лик – младо момче, талкач. Преминуваат низ чудесен и мистериозен свет, каде ќе мораат да ги преживеат смртоносните средби со многуте грозни суштества. Играта изгледа прилично бајковито и е задолжителна пролетна „лектира“ за љубителите на нордискиот фолклор.
Star Wars Jedi: Survivor
Објава: 28 април на PS5, Xbox series X|S, PC
Веројатно нема потреба да објаснуваме што е „Star Wars“. Вселенската епска мултимедијална франшиза, која стартуваше во 1977 година со првиот СФ филм на Џорџ Лукас, изминативе децении ги „хранеше“ и гејмерите со десетици наслови. Во 2019-та се појави „Star Wars Jedi: Fallen Order“ која глобално ја прифати и критиката, и гејмерската заедница, па неизбежно беше да се очекува продолжението „Star Wars Jedi: Survivor“. Приказната на оваа акциона-авантура повторно го следи џедајот Кал Кестис, додека се обидува да преживее против злобната Галактичка Империја.
Бојан Шашевски