10 игри што ќе излезат во мај

Веќе објавивме дека гејмерската заедница ја очекува прилично плодна година, особено по пандемискиот период кога имаше благ застој во развојот на разни изданија, па некои игри беа пролонгирани токму за 2023.

Годинава веќе донесе наслови како римејкот на „Dead Space“, долгоочекуваната „Hogwarts Legacy“, потоа „Atomic Heart“, „Dead Island 2“, „Star Wars Jedi: Survivor“, а сега Радио МОФ направи листа на 10 видеоигри кои своја премиера имаат токму овој месец:

Redfall
Објава: 2 мај за Xbox Series X|S, PC

За разлика од изданија како „Dead Island 2“, во „Redfall“ нема да „млатите“ зомбиња, туку вампири. Островски град во Масачусетс е под опсада на легија вампири што го блокирале сонцето и ги отсекле граѓаните од надворешниот свет. Оттука, играчите во оваа FPS пуцачина ќе можат истражуваат отворен свет и да склучуваат сојузи со преживеани луѓе. „Redfall“ е игра што доаѓа од „Arkane Austin“, наградуваниот тим зад „Prey“ и „Dishonored“.

Age of Wonders 4
Објава: 2 мај за PS5, Xbox Series X|S, PC

Стратешка игра. Моќни кралеви-волшебници се враќаат во своите царства за да владеат како богови меѓу смртниците. Затоа, ќе треба да се подготвите за епска битка што ќе ги одреди вековите што доаѓаат. Ќе контролирате фракција што расте и се менува, додека ја ширите вашата империја со секој чекор.

Ravenlok
Објава: 4 мај за Xbox one, Xbox Series X|S, PC

Животот на Равенлок добива неочекуван пресврт кога таа се сопнува низ магично огледало и влегува во проблематично кралство. Познато, или?! Ќе истражувате фантастични кралства, запознавате луди кралови и ќе морате поразите мрачни чудовишта за да ставите крај на владеењето на теророт на кралицата Катерпилар. Та-та-та-даааам!

The Legend of Zelda: Tears of the Kingdom
Објава: 12 мај за Switch

Првата „The Legend of Zelda: Breath of the Wild“ беше ексклузивка за Switch и веројатно е еден од најголемите и најпретпознатливи продукти на „Nintendo“ во гејминг индустријата. Точка. Со оглед што во 2017 година зема низа награди, вклучувајќи ја и главната на „The Game Awards“, продолжението „The Legend of Zelda: Tears of the Kingdom“ ќе биде една од причините за страсните гејмери да купат Switch и да ја доживеат од „прва рака“ оваа акциона-авантура, каде самите ќе го одредуваат својот пат низ распространетите пејзажи на Хирул и мистериозните острови што буквално лебдат во воздух.

Atlas Fallen
Објава: 16 мај за PS5, Xbox Series X|S, PC

„Издигнете се од прашината и ослободете го човештвото од угнетувањето на расипаните богови. Лизгајте по песокот на безвременската земја, исполнета со древни опасности, мистерии и фрагменти од минатото. Ловете легендарни чудовишта, користејќи моќни оружја што менуваат формата во спектакуларна, супермоќна борба“. Вака е најавена „Atlas Fallen“, каде играчите ќе може да обликуваат сопствен стил на игра. Можност има за соло кампања, или кооперативна. Кој како му паше.

LEGO 2K Drive
Објава: 19 мај за PS5, PS4, Xbox One, Xbox Series X|S, PC

Постојат „LEGO“ игри со теми од Џурасик парк, Бетмен, Војна на ѕвездите, Хари Потер, Индијана Џонс.. па, зошто да нема и „LEGO“ игра со тркање?! Играчите ќе патуваат низ уникатни региони на Брикландија додека се натпреваруваат против низа харизматични ривали со надеж дека еден ден ќе го освојат посакуваниот трофеј на Скај купот. Во „LEGO 2K Drive“, играчите ќе имаат на „лагер“ можности да возат коли, пробуваат мини игри, предизвици, собираат колекционерски предмети, да уништуваат работи…

Amnesia: The Bunker
Објава: 23 мај за PS4, Xbox One, Xbox Series X|S, PC

„Amnesia: The Bunker“ е хорор игра во прво лице од креаторите на „SOMA“ и „Amnesia“. Оставени сосема сами во пуст бункер од Првата светска војна со само еден куршум во пиштолот, на вас останува да се соочите со ужасии во мракот. Чувајте ги светлата запалени по секоја цена, истрајте и успејте да изглезете од ситуацијата живи. Се работи за интензивно хорор искуство, за оние што сакаат да гејмаат сами во мрак, со „рокнати“ слушалки на глава.

After Us
Објава: 23 мај за PS5, Xbox Series X|S, PC

Визуелно бомбонче. Некаде прочитав дека „After Us“ дава малку „Journey“ вајб, што дополнително ме хајпна, колку и е различна со „Journey“. Се работи за платформер-авантура игрица, каде ја водите Гаиа, движејќи се низ надреалистичен пост-човечки свет, за да му дадете втора шанса на животот на Земјата. Исто така, за да ги спасите душите на изумрените животни. „After Us“ има добра доза носталгија и спиритуалност.

The Lord of the Rings: Gollum
Објава: 25 мај за PS5, PS4, Xbox One, Xbox Series X|S, PC, Switch

Акциона-авантура  водена од приказна, секако со „стелт“ моменти, бидејќи играте со Голумот од „Господар на прстените“. Ќе тргнете на опасно патување, бркајќи го единственото нешто што е скапоцено за Голумот (aj погодете што е тоа). Ќе се пентарите, скокате, ќе се искрадувате позади непријатели. Голум е вешт и итар, но тој е поделена личност. Ваше е да одлучите дали да се предадете на потемната страна на Голум, или да му верувате на понежниот Смигол.

System Shock
Објава: 30 мај за PS5, PS4, Xbox One, Xbox Series X|S, PC

„System Shock“ е целосен римејк на акциониот-авантуристички оригинал од 1994 година, комбинирајќи ја култната игра со целосно нови ХД визуелни слики, ажурирани контроли, ремонтиран интерфејс и целосно нови звуци и музика. Меѓутоа, задржан е оригиналниот глас на Шодан, еден од поимпресивните негативци на гејминг светот. Создавачите на играта најавуваат: „Бидете сведоци на повторното раѓање на една од најголемите и највлијателните игри некогаш направени“.

Бојан Шашевски