Десет лица се обвинети за пустошење шуми, бесправно сечејќи 254 букови стебла во атарот на селото Падалиште во периодот од 2017 и 2018 година, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Оттаму додаваат дека обвинетите лица буковите дрва за огрев ги складирале во своите дворови, од каде ги транспортирале до купувачи на подрачјето на Општина Гостивар и ги продавале. Со ова на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ му нанеле проценета материјална штета од 724 илјади денари.
„Еден од обвинетите сторил и кривично дело – Измама, така што на 21.09.2018 година од претходно противправно исечените огревни дрва му продал на еден гостиварец, доведувајќи го во заблуда дека дрвната маса потекнува од легална сеча. За дрвата оштетениот платил 14.700 денари. По откривањето на нелегачната сеча, полициски службеници ги одзеле дрвата со потврда за привремено одземени предмети“, соопштија од Обвинителството.