Десет средношколски тимови се одбрани во проектот „Youth are AllRigh“ да креираат проекти во кои треба теоријата што ја учат на училиште да ја поврзат со конкретна активност со цел влијание во општеството.
„Запознаени сме со недостатокот на реална пракса во наставата. Токму со помош на методот на ‘Service Learning’ се постигнува практична примена на теоретското знаење стекнато кај учениците за време на наставата, додека во исто време даваат придонес кон заедницата“, Илија Станковски, Програмски директор на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) кое ќе ги поддржи тимовите.
Вклучените средношколски тимови ќе добијат тренинг за јакнење на нивните капацитети и доработка на нивните проекти, а потоа во период од три месеци истите ќе ги реализираат, со финансиска поддршка од 12.000 денари по тим.
Во рамки на проектот „Youth are AllRight“ средношколските тимови ќе реализираат проекти насочени кон заедницата со кои ќе придонесат кон подобрување на академските перформанси кај лица со попреченост од страна на учениците, ќе ја зголемат дигиталната едукација кај пензионери и стари лица, ќе понудат медицинска помош кај локалното население, ќе спроведат акции за чистење на локалните паркови и ќе придонесат кон урбанизација на дворови кај лица кои не се во можност сами да го направат тоа.
Инаку, како што велат од LEAD податоци покажуваат дека само 12% од младите волонтирале во организација на заедницата, граѓанска организација или локална самоуправа, а дури 7 од 10 млади (69%) се опишуваат себе си како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството.
„Податоците од земјите во Европа унија и светот каде што е застапен овој едукативен метод, покажуваат дека студентите кои учествувале во Service Learning проекти имале повисоки оценки и подобар успех, во споредба со нивните врсници кои не се занимавале со Service Learning, истите имаат поголема веројатност да гласаат, да волонтираат и да се вклучат во други форми на граѓанско учество, но и имаат поголема веројатност да завршат средно училиште, да се запишат на факултет и да се стекнат со универзитетска диплома“, посочуваат од Здружението.