Глобалното движење „100 Thousand Poets For Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“, во сабота (28 септември) од 19 часот ќе го реализира 14. издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ на Владимир Мартиновски, а потоа со промовирањето на годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети.
Од „Контекст – Струмица“ информираат дека „Сенката на звукот“ е трета изложба на дигитални цртежи од овој циклус на авторот, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски.
„Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството. Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, во моментот има тековна изложба во Шибеник, Србија, а во тек е подготовката на неговата нова изложба на акрилни дела“, соопштуваат од здружението.
Инаку, на конкурсот на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Mанифестацијата има за цел да се шири и да ги мобилизира сите поети ширум светот, а досега во Македонија се вклучуваат сите оние кои сакаат и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку во себе, односно околу себе.
Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, како што велат организаторите, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Исто така, проблеми поврзани со глобалното затоплување, или со ранливите општествени групи.
„Преку овој проект ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија, размислувања и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика…“, посочуваат од „Контекст – Струмица“.
Манифестацијата е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица.