Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишa поетски конкурс за овогодишното, дванаесетто издание на Фестивалот.
Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.
Организаторите истакнуваат дека секој автор може да учествува со по една песна.
„Песните треба да се испраќаат на Facebook профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 25 август годинав. Добиените песни ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението. Селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој секоја година се публикува како дел од оваа програмските активности“, велат оттаму.
Од манифестацијата истакнуваат дека сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“.
Истовремено, распишан е конкурс и за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот разво и мирот.
Покрај името на манифестацијата, датата на одржување и локацијата, како и градот каде се одржува – Струмица, оставаме на вашата имагинација и креативност да ги создадете вашите оригинални визуелни дела.
„Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истиот email погоре (poetizapromena@gmail.com) или на Facebook профилот на оваа манифестација најдоцна до 25 август 2022 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението“, велат од „100 илјади поети за промена“.
Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата, на 25 септември во Струмица.