Сто млади лица ќе имаат можност да се стекнат со практично работно искуство во времетраење од два месеци преку практикантската програма на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ.
За да учествуваат во програмата, младите треба да се пријават дека се заинтересирани за практикантство, потоа НМСМ ќе делува како посредник помеѓу нив и правните субјекти, односно ќе селектира соодветен практикант согласно потребите на правниот субјект.
„Практикантите кои ќе се вклучат во програмата ќе добијат месечен бруто надоместок во висина од 150 фунти, а воедно ќе се стекнат и со нови вештини, знаења и компетенции. Сите млади кои се заинтересирани за практикантство треба да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub и да го пополнат формуларот достапен на овој линк, најдоцна до 18 јуни 2023, до полноќ“, соопштуваат од НМСМ.
За да учествува во програмата, велат од НМСМ, практикантот е потребно да биде на возраст од 15 до 29 години, додека пак условите и обрските се истиот да не биде во редовен работен однос, да има завршено најмалку основно образование и да може да извршува практикантска работа во времетраење од два месеци во назначениот правен субјект.
„Практикантството може да се реализира во период од јули до крајот на 2023 година, но двомесечната практикантска работа мора да биде непрекината во текот на двата месеци“, соопштува НМСМ.
Сите правни субјекти (претпријатија и граѓански организации), кои сакаат да бидат дел од практикантската програма и да работат со практиканти, можат да се пријават со пополнување на формуларот достапен на овој линк. НМСМ ќе обезбеди соодветен практикант, а ќе го покрие и бруто месечниот надомест од 150 фунти месечно во времетрање од два месеци за практикантот.
„Националниот младински совет на Македонија – НМСМ ја воведува практикантската програма по втор пат. При првото спроведување на програмата, истата резултираше со вработување кај дури 70% од практикантите“, стои во соопштението.
Оваа програма е дел од проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите”, кој го спроведуваат НМСМ и мрежата Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
„Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво. За реализирање на оваа цел, покрај програмата за практикантство, спроведени ќе бидат повеќе активности, кои меѓудругото вклучуваат и програма за кариерно советување, која веќе е започната и досега опфати над 30 лица, како и програма за менторство за девојките и младите жени од средните училишта“, потенцираат од НМСМ.
Сите информации за практикантите се достапни во „Повикот за практиканти“, додека сите информации, условите и бенефициите за правните субјекти од учеството во програмата се достапни во „Повикот за правни субјекти“.