„1000MODS“ за прв пат во скопско МКЦ ќе настапуваат на 9 ноември.
Како што најавува МКЦ, почнувајќи од загушливи подруми, па сѐ до преполни арени, „1000MODS“ вртоглаво се искачи на врвот како најуспешен грчки рок-бенд во изминатите децении.
„Како вчера да беше септември 2011 година, кога „Super Van Vacation“ еднаш засекогаш го смени ликот на европската музичка сцена, со својата неподнослива тежина и монструозни вибрации за винтиџ-вљубениците. Беше јасно, повеќе од кога било: 1000MODS ќе станат пример, инспирирајќи цела генерација музичари како следното големо нешто на растечката хеви рок-сцена“, соопштува МКЦ.
Како се вели во најавата, нивниот втор албум „Vultures“ (2014), уште еднаш ги покажа нивните неверојатни музички способности, како и уникатно шармантниот пристап кон тешката музика како целина, трасирајќи го уште посигурно патот кон нивниот успех. Веќе третиот, „Repeated exposure to …“ (2016) беше прогласен за ремек-дело.
„Познати по нивните немилосрдни турнеи и легендарните фестивалски настапи, ‘1000MODS’ станаа меѓународно познати, сметајќи дека се подготвени за следниот голем чекор. 2020 година смени сѐ. Нивниот четврти долгометражен албум „Youth of Dissent“ во продукција на легендарниот продуцент Мет Бејлс (Pearl Jam, Mastodon, Isis, Soundgarden итн.) го проби просторно-временскиот континуум, постигнувајќи го невозможното: патување низ времето во славните 90-ти и неговиот легендарен гранџ-рок. Експлозија! Сега, соочени со постпандемиското закрепнување на музичката индустрија и силното враќање на концертите во живо, 1000MODS повторно го освојуваат светот, ширејќи ја својата музика како грмотевица“, стои во најавата за концертот.
Локална поддршка ќе бидат „Строг пост“ – новоформираното комбо, составено од Филип Букршлиев (гитара), Дени Омерагиќ (бас) и Кристијан Новковски (тапани), познати по својата работа во бендови како Светлост, Палиндром, Fighting Windmills, Taxi Consilium.
„Строг пост“ свири музика на цврста „рифовска“ основа, спакувана во композиции, кои венчаат пост-рок со free jazz и слободна импровизација.