Во масовно пукање кое се случи вчера во центарот на Прага загинаа повеќе од 14 лица, вклучувајќи го и напаѓачот, а најмалку 25 се повредени. Напаѓачот за кој се верува дека е мртов отворил оган во зградата на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во главниот град, пренесува Евроњуз.
Како што пренесува порталот „Експатс“, меѓу повредените има и тројца странци, односно две лица од Обединетите Арапски Емирати и едно лице од Холандија.
Властите не ги наведоа имињата на убиените и не дадоа конкретни детали за жртвите, но посочија дека инцидентот се чини дека нема поврзаност со меѓународниот тероризам. Засега се идентификувани 13 жртви. Полицијата моментално го бара мотивот зад најмасовното пукање во историјата на земјата.
Чешкиот претседател Петр Павел рече дека масовното пукање не треба да се политизира или да поттикнува дезинформации, истовремено повикувајќи на национално единство.
Владата пак прогласи ден на жалост во сабота.
Полицијата соопшти дека напаѓачот бил Давид Козак, 24-годишен студент на Факултетот за уметности, каде што се случило пукањето.
Пукањето започнало околу 15 часот. Вооружениот напаѓач, наводно, почнал да пука во ходниците и училниците на универзитетот, навидум убивајќи луѓе по случаен избор. Полицијата потоа ја затвори областа околу универзитетот и ги советуваше луѓето да ги напуштат околните улици и да останат внатре во објектите додека се одвива инцидентот.
Министерот за внатрешни работи Вит Ракушан ја увери јавноста дека нема друг напаѓач на местото на настанот и побара соработка со тековната полициска истрага.