145 членови на Европскиот Парламент побараа од српскиот претседател Александар Вучиќ да ја повлече контроверзната одлука за откажување на Европрајдот 2022 година кој требаше да се одржи подоцна месецов во главниот град на Србија.
„Прајд протестите се мирен начин за политичко застапување и еден од начините преку кои се искажува правото на слобода на говор и мирно собирање“, се наведува во писмото на европратениците до претседателот Вучиќ.
Политичарите истовремено бараат од владата да ја засили полициската заштита и да ја осигура безбедноста на илјадниците луѓе кои се очекува да присуствуваат на Прајд маршот во Белград и на сите поврзани настани на најголемиот годишен собир на ЛГБТК+ заедницата во Европа.
„Свесни сме дека има закани по безбедноста на демонстрантите, но сепак сметаме дека забраната на овој настан не е правото решение“, велат европратениците.
Меѓу потписниците на писмото се наоѓаат и лидерите на социјалистите, зелените, либералите и левичарските групи во Парламентот, заедно со повеќе од стотина нивни колеги. Шесте заменици-претседатели на Европскиот Парламент исто така се меѓу потпишаните на писмото.
Белград беше прогласен за првиот град во Југоисточна Европа кој требаше да го одржи Европрајдот, сепак во неделата претседателот Вучиќ соопшти дека овој собир ќе биде откажан или одложен поради последните проблеми кои ја нарушуваат внатрешната стабилност во државата, како спорот со Косово.
Според ИЛГА-Европа, Србија котира прилично лошо во поглед на ЛГБТК+ правата. Во земјата нема уставна заштита, правно родово признавање, легислатива за злосторства од омраза, како и недоволно развиено граѓанско општество. Но, и покрај овие проблеми земјата стои подобро во споредба со неколку земји членки на ЕУ како Полска, Летонија, Романија и Бугарија.
Кон крајот на Август во Белград беше организиран голем собир за заштита на семејните вредности поддржан од црковните поглавари.
Европрајдот 2022 е закажан да се одржи од 12 до 18 септември.