15 директори на државни претпријатија треба да добијат откази поради нетранспарентност, покажува истражувањето на ЦГК

9 државни претпријатија немаат објавено ниту еден извештај со показатели за финансиското работење на своите веб-страници, а други 6 претпријатија го немаат објавено последниот квартален извештај за периодот јули-септември, покажува последното истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за исполнување на законските обврски и добрите стандарди на претпријатијата во државна сопственост.

Од ЦГК посочуваат дека со тоа што овие документи не се јавно објавени се исполнува законскиот услов за разрешување на директорите на овие претпријатија.

„Имајќи ги предвид гореизнесените податоци, произлегува дека се исполнети условите за разрешување на 15 директори на јавните претпријатија бидејќи, во согласност со измените на Законот за јавни претпријатија кои стапија на сила во април 2018 година,
според член 24-а став 8 од Законот за јавните претпријатија, „директорот на јавното претпријатие се разрешува пред истекот на мандатот во случаи: ако и по истекот на рокот определен во членот 5 став 3 и членот 7-а став 1 од овој закон не го објави тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие на веб страницата на јавното претпријатие“, велат од ЦГК.

Ниту еден квартален извештај со показатели за финансиско работење не е објавен од:

  • ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија,
  • Јавно радиодифузно претпријатие Национална радио-телевизија – Скопје,
  • Јавно сообраќајно претпријатие Скопје,
  • Јавно комунално претпријатие Дервен Велес,
  • Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје,
  • Јавно претпријатие за комунални дејности Комуналец – Струмица,
  • Јавно претпријатие Национална радиодифузија – Скопје,
  • ЈП Комуналец Прилеп
  • Јавно комунално претпријатие Тетово.

Последниот квартален извештај го немаат објавено:

  • Јавно претпријатие за државни патишта,
  • Јавно претпријатие Паркови и зеленило Скопје,
  • Јавно претпријатие Стрежево Битола,
  • Јавно претпријатие Водовод – Куманово,
  • Јавно комунално претпријатие Водовод – Битола
  • Јавно претпријатие Исар – Штип.

Истражувањето на ЦГК покажува дека генерално транспарентноста на државните претпријатија расте и изнесува 41% од можни 100%. Состојбата е подобрена во споредба со 2018 година, кога транспарентноста изнесувала само 28%.

На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските 82% повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, а на дното повторно е АД Градски трговски центар со 16% исполнување. Најголем раст во транспарентноста во споредба со 2018 година има ЈП Комунална хигиена – Скопје, додека најголемо назадување има Јавно комунално претпријатие – Дервен Велес.

„Во последните две години, поголем напредок во транспарентноста имаат претпријатијата основани од општините од оние основани од Владата. Општинските јавни претпријатија имаат просечен раст на транспарентноста од 27 % во 2018 година на 43 % во 2020 година, а претпријатијата на Владата, пак, имаат раст од 31 % на 39 %. Ова ја доведува во прашање доследноста на примената на Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ (2019 – 2021 год.)“, стои во еден од заклучоците од истражувањето.

Од ЦГК посочуваат и дека ниту едно државно претпријатие не објавува информации за седниците на управните одбори, додека една третина од нив не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и надзорните одбори.

Само една третина од претпријатијата го објавиле ревизорскиот извештај за 2019 година, којшто во согласност со законските обврски морале да го имаат, и го доставиле до Централниот регистар до 30 јуни.

„Нивото на транспарентност и отчетност за работењето на претпријатијата основани од Владата на РСМ и од единиците на локалната самоуправа покажува нагорен тренд, но сè уште не е на потребното ниво. Оттука, се препорачува во иднина
претпријатијата основани од Владата и од единиците на локалната самоуправа доследно да ги почитуваат стандардите за транспарентност и отчетност, коишто се јавно објавени уште од почетокот на 2019 година и доставени до сите претпријатија во
земјата (дадени во Анекс 1 од документот). Владата треба да пронајде механизам за соодветна имплементација на донесената
Стратегија за транспарентност (2019 – 2021 год.), во која ги опфати јавните претпријатија и акционерските друштва чиј основач е таа. Со цел да се поедностави информирањето на граѓаните за ефектите од работата на државните претпријатија, потребно е Министерството за финансии да продолжи со навремено објавување на кварталните интегрирани извештаи за финансиските резултати од работењето на 29 претпријатија основани од Владата (14 јавни претпријатија и 15 акционерски друштва)“, се дел од препораките на Центарот за граѓански комуникации за подобрување на транспарентноста на државните претпријатија.

Целосното истражување може да го најдете на следниов ЛИНК.