Петнаесет влади на Европската Унија (ЕУ) се приклучија на тужбата на Европската комисија (ЕК) против Унгарија во врска со контроверзниот анти-ЛГБТK закон, кој граѓанските здруженија го опишаа како најголем случај за човековите права во правната историја на ЕУ, јавува Еурактив.
Официјални лица од француската, германската и словенечката на 6 април потврдија дека се приклучиле на тужбата пред крајниот рок на полноќ. Инаку, покрај нив, на тужбата се придружија и Австрија, Белгија, Данска, Финска, Грција, Ирска, Луксембург, Малта, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска и Европскиот парламент.
Правниот спор околу Законот за заштита на децата, воведен во 2021 година, е последниот фронт во долгогодишниот спор на ЕУ за владеење на правото со унгарската влада и културните војни.
Првичната цел на нацрт-законот беше да се направат превенцијата, откривањето и казнувањето на сексуалните кривични дела против малолетници поефикасни.
Сепак, дополнителните амандмани во унгарскиот парламент воведоа забрана за пристап на малолетниците до каква било содржина што „пропагира или прикажува дивергенција од самоидентитет што одговара на полот при раѓање, промена на полот или хомосексуалност“.
Законот беше критикуван од организации за човекови права и меѓународни организации како дискриминаторски кон ЛГБТ луѓето и беше опишан како „срамен“ од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.