Од 27 до 29 април, на Малата сцена на Македонскиот народен театар, ќе се одржи 16. по ред Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „ПАНФИЗ“ 2023.
Од МНТ информираат дека на овогодишното издание на фестивалот публиката ќе може да види три претстави од различни жанрови и од различни земји.
На отворањето на фестивалот на 27 април, ќе настапи гостинот од Швајцарија, Дамир Дантес со 90-минутната пантомима, „Страдањата на Исус“, претстава која како тема ги зема најважните случувања од животот на Исус, а сето тоа преточено преку јазикот на пантомимата. Патување 2000 години назад во минатото, моќно, поетско, драматично, трогателно.
На втората вечер на фестивалот ќе настапи младата актерка од Србија, Нада Милошевиќ, со својот буто перформанс „Суштество“, во кој како егзистенцијален предизвик се поставува истражувањето на скриениот архетип на битието, изгубено во сопственото опкружување…
На третата вечер гости од Романија ќе настапат со својата претстава, физички театар, танц и пантомима „Hommo Love“, претстава која како соло актер ја води Пол Цимпоеру, потпомогнат од својата партнерка Алина Пентак, претстава за љубовта која секогаш и сегде ни се случува и нѐ канат, не да ја видиме, туку да ја почувствуваме…
Оваа година фестивалот има ревијален карактер, а како и изминативе три години билетите за претставите се бесплатни. Публиката, билетите ќе може да ги подигне секој ден од 27 април до 29 април од 14 часот, на билетарницата на МНТ и пред почетокот на секоја од претставите.
Фотографии: МНТ