Четврти протест за воздух пред Собрание

И оваа сабота (16 февруари) ќе се одржи протест за воздух пред Собрание, со почеток во 13 часот. Како што појаснуваат од иницијативата „Канцерогено општество“, од целата земјина топка, скопјани го дишат најзагадениот воздух во светот.

„Еден од најголемите причинители за рана смрт е дишење неквалитетен воздух. Јавни дебати околу квалитетот на воздухот во Македонија скоро и да нема.Резултатите на политичарите и надлежните институции се видливи за секој од нас. Ајде да покажеме дека не сме Фејсбук револуционери и да се избориме за основното човеково право за здрава и чиста животна средина.Сите заедно да покажеме дека никој не смее да си игра со нашето здравје и да докажеме дека знаеме како сограѓани да се избориме за почиста иднина“, повикуваат од иницијативата.

Барањата на протестите за воздух се следни:

•Веднаш бараме свикување на итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот во нашата земја.
• Бараме итно вклучување на експерти (Доктори, Еколози, Еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата).
• Бараме владата да ги употреби сите потребни средства за справување со овој проблем.
• Бараме вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи.
• Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решениа кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени.

Утрешниот е четврти протест по ред на „Канцерогено општество“. Од иницијативата најавија дека секоја сабота ќе се собираат пред Собрание за да побараат надлежните да го решат проблемот со аерозагадувањето.