19 лица се мртви по самоубиствен бомбашки напад на едукативен центар во главниот град на Авганистан, Кабул, пренесе Би-Би-Си.
Според локалната полиција, од експлозијата, која се случила во западниот дел на градот, има и десетици повредени луѓе.
Од едукативниот центар „Каџ“ соопштија дека за време на нападот учениците биле на пробен универзитетски испит.
Најголем дел од жителите на Дашт-е-Барчи, каде се случил нападот, се од малцинската етничка група Хазарејци, кои и во минатото биле мета на слични напади од страна на Талибанците, како и од претставниците на организацијата Исламска држава. Засега никој нема преземено одговорност за експлозијата.
На видеоснимките кои ги објавија локалните медиуми и кои беа поставени на социјалните мрежи можат да се видат стравични снимки од болницата која се наоѓа во близина. На подот можат да се забележат редици на покриени тела. Други медиуми известија дека на местото на едукативниот центар можат да се видат рушевини и превртени клупи во оштетените училници.
Центарот „Каџ“ е приватен колеџ во кој учат и машки и женски ученици. Најголем дел од женските училишта во Авганистан се затворени по враќањето на Талибанците на власт во август минатата година, но некои од приватните училишта и понатаму примаат жени за школување.
Минатата година во бомбашки напад на женско училиште во овој кварт на Кабул беа убиени најмалку 85 лица, најголем дел од нив ученици, додека во нападот беа повредени уште стотина други луѓе.