19 ученици загинаа во вооружен напад на основно училиште во Тексас

Најмалку 19 ученици и две возрасни лица беа убиени откако вчера вооружен напаѓач пукал во основно училиште во градот Увалде во Тексас во Соединетите Американски Држави.

Според локалната полиција, 18 годишниот напаѓач е мртов. Тој бил поранешен ученик во училиштето, а претпоставките се дека во нападот дејствувал сам.

Осомничениот напаѓач наводно купил две автоматски пушки на неговиот 18-ти роденден. Најпрво ја убил својата баба пред да се упати во училиштето. Тој носел панцир и направил судар со неговото возило пред нападот.

„Полицијата се обидела да го спречи, но тој успеал да влезе во училиштето каде влегол во неколку училници и започнал да пука со неговото оружје“, изјавил Ерик Естрада, началник во Одделението за јавна безбедност на Тексас за Си-Ен-Ен.

Американскиот претседател Џо Бајден повика Американците тагата да ја претворат во акција, нарекувајќи го нападот „уште еден масакар во САД“.

„Каде е нашата кичма за да имаме храброст да се исправиме и да се спротивставиме на лобистите за оружјето. Време е оваа болка да ја претвориме во акција“, рече Бајден.

Овој напад е најсмртоносен во американските основни училишта уште од масакарот во Сенди Хук во Конектикат од 2012 година, кога беа убиени 26 лица, од кои 20 деца на возраст меѓу 6 и 7 години. Само во 2022 година во САД имало повеќе масовни вооружени напади отколку поминати денови во годината. Според непрофитната организација „Архива на вооружено насилство“ досега во земјата се регистрирани 212 масовни вооружени напади оваа година.