Најмалку 19 лица биле убиени, а стотици се ранети во повеќедневните протести низ Колумбија во кои десетици илјади граѓани излегоа на улиците револтирани од нова даночна реформа со која треба да се пополни буџетската дупка предизвикана од пандемијата со Ковид-19.
Во неделата, колумбискиот претседател Иван Дуке соопшти дека ќе ја повлече предложената даночна реформа и владата ќе излезе со нов план базиран на консензус. Тој сепак потенцираше дека реформата е неопходна.
Сепак оваа одлука не го намали гневот во јавноста, особено бидејќи протестите од незадоволство поради реформата се претворија во крик против растечката сиромаштија, невработеноста и драстичната нееднаквост во јужноамериканската држава.
Протестите продолжија, делумно, и поради револтот од повеќе организации за човекови права кои ја обвинија владата дека се обидува да ја спречи нивната работа, а последниве денови на социјалните мрежи во Колумбија се појавија повеќе видеа на полициска бруталност врз граѓаните кои протестираат. На едно од видеата се гледа како 17-годишно момче, учесник на демонстрациите, удира полицаец на мотор, а подоцна се гледа како полицаецот пука кон лицето кое се обидува да избега.
„Не убивате некого затоа што ве удрил. Сакаме правда“, вели Армандо Агредо, татко на момчето од видеото, пренесува Њујорк Тајмс.
Протестите започнаа пред една недела и до вчерашниот ден во насилствата на улиците загинаа 18 цивили и еден полицаец.
Според полициски извори најмалку 540 полицајци биле повредени во демонстрациите, а повеќе од 100 автобуси биле искршени или запалени. Од полицијата велат и дека идентификувале 17 илјади лица кои не ги почитувале мерките против коронавирусот, како носење на маски.
Јужна Америка особено беше погодена од коронавирусот и последниот период голем број држави од регионот се соочуваат со лоша фискална ситуација доколку не преземат одредени реформи. Според предложената даночна реформа во Колумбија, требаше да се подигнат даноците на секојдневните производи за да можат да се задржат субвенциите за луѓето кои се најпогодени од пандемијата.